На 1 февруари со почеток во 18:00 часот, во католичката конкатедрала „Св. Јосиф“ во Софија ќе се одржи традиционалната вечер во спомен на жртвите на комунистичкиот режим, известува Християнство.бг. Настанот, кој се организира секоја година, овојпат ќе биде посветен на духовниците и мирјаните од сите вероисповеди во Бугарија кои биле подложени на репресии за време на комунистичката власт.
Организатори на настанот се фондацијата „Остров Белене“ и католичката парохија „Св. Јосиф“ – Софија. Според најавите, фокусот ќе биде ставен на размерите на теророт врз верските заедници, прикажани преку архивски документи и лични сведоштва за прогоните.
Датумот на одржување не е случаен. Први февруари е официјален Ден на признателност и почит кон жртвите на комунистичкиот режим во Бугарија, востановен во 2011 година, поради фактот што на тој ден во 1945 година Народниот суд ги изрекол најмасовните смртни пресуди.
Програмата ќе започне во 18:00 часот со литургија во спомен на жртвите. Од 19:00 часот ќе следува јавна дискусија, на која преку документи и историски анализи ќе биде претставена судбината на прогонетите духовници и верници од различни вероисповеди.
Организаторите нагласуваат дека годинава ќе се направи обид да се погледне подалеку од „сувата статистика“ на архивите и да се откријат човечките судбини на оние кои одбиле да ја заменат верата со идеологија. Во фокусот ќе бидат христијанските духовници поминати низ логори и затвори, муслиманските заедници кои биле подложени на силен притисок, како и сите оние кои останале верни на сопствената совест во услови на воинствен атеизам.
Засега нема официјална информација како Светиот синод на Бугарската православна црква ќе го одбележи денот. Според јавните најави, на 1 февруари патријархот Даниил и членовите на Синодот ќе престојуваат во Ловеч по повод 25 години од изборот на епископот Гавриил за Ловчански митрополит. Минатата година, патријархот Даниил служеше панихида во софискиот храм „Св. Седмочисленици“.
Први февруари останува симболичен датум за сеќавање на жртвите на Народниот суд и на сите пострадани за време на комунистичкиот режим, вклучително и оние прогонувани во логори и преку апаратот на Државна безбедност, меѓу кои и жртвите на логорот „Сончев брег“ кај Ловеч, познат како логор на смртта.

