Свештеникот Жељко Лубарда, по чиј случај обвинителството води постапка против Порфириј Периќ, испратил писмо до епископите на Српска православна црква, поради изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со случајот во кој словенечкото обвинителство го гони патријархот поради наводно злоставување на работното место на овој свештеник. Претседателот Вучиќ тоа го оцени како „напад врз СПЦ“.
Лубарда претходно веќе испратил едно писмо во кое навел дека Државното обвинителство во Словенија поднело обвинителен акт против патријархот Порфириј поради злоставување на него и неговото семејство, наведувајќи дека станува збор за случај кој веќе е правосилно потврден пред судот за работни и социјални спорови, како еден од најтешките облици на злоставување на вработен во словенечката судска пракса.
Во најновото писмо, свештеникот наведува дека се чувствува загрозено поради изјавата на Вучиќ и дека поради тоа се обратил до епископите.
„Ја известувам јавноста дека сум изненаден и длабоко повреден од изјавата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ од 14.03.2026 година за ‘нападите врз Српската православна црква’, бидејќи со неа ми се оспорува неприкосновеното право на основна правна заштита. Имајќи ги предвид уставните и законските надлежности на државните органи и поводот за изјавата, зборовите на претседателот дека ‘нашата држава ќе се занимава со тоа’ ги доживувам како закана и веќе побарав помош и заштита од претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, како и од министрите за надворешни, внатрешни и правосудни работи, од повеќе надлежни органи на Словенија, како и од институциите на Европската унија, бидејќи сум државјанин на ЕУ, а не на Србија“, наведува Лубарда.
Тој додава дека е факт оти бил прогонуван поради прикривање криминал од страна на службеници на Српската православна црква и дека тоа е правосилно потврдено со судски пресуди.
„Криминалот што се обидувал да се прикрие исто така е правосилно потврден. Сега, без да прејудицирам, се утврдува личната и кривичната одговорност за систематските и континуирани прогони на кои бев изложен. Дали е можно некој да помисли дека зад сето тоа, по толку судски пресуди и повеќегодишна постапка пред обвинителството и истражниот судија, постои некаква скриена намера, а не доказен материјал? Претседателот на Србија може да се смени на избори, а патријархот може да го смени Соборот на СПЦ, а јас не можам ниту едното ниту другото, и затоа ова не е напад врз СПЦ ниту врз државата Србија. Никој не беше тука да ме заштити кога бев прогонуван и никој не ми помогна, освен Господ. Никогаш немаше одговор кога молев да престанат прогоните. Никогаш не беше одговорено на моите молби решението да се најде со договор, наместо преку суд. Никој не побара прошка од мене, дури ни по правосилната пресуда“, наведува Лубарда.
Во писмото до епископите тој прашува „каде била државата Србија“ кога заедно со своето семејство бил прогонуван, како и „каде била државата“ кога црковниот објект во кој престојувало неговото семејство бил каменуван во 2004 година во Кистање и зошто не бил контактиран од амбасадата.
„Каде беше државата кога поради прикривање криминал останав без приходи и без покрив над глава и кога размислував како да ги прехранам четирите мали деца? Никој, никогаш не беше тука, а сега се тука – и поради што? Конечно, каде е државата Србија сега, некој да ми се јави и да каже: ‘Ова ни е голем проблем, што можеме како држава да направиме?’ Очигледно се мисли дека е најлесно мене да ми се одземе правото на судска заштита и правда. Напоменувам дека никогаш не сум се занимавал со политика и немам намера, и оваа постапка нема никаква врска со политика, туку со прогонот на моето семејство и мене. Многумина би се изненадиле кога би кажал од кои страни доаѓале политичарите што учествувале во заштита на свештеник осуден за криминал, но нема да го сторам тоа, бидејќи ова не е прашање на политика. Дали функцијата, било чија, треба да штити од одговорност? Сметам дека не треба, и сè додека од мене на вистински христијански начин не биде побарана прошка – а јас, и покрај болката, имам сила да простам – нема да престанам да ја бранам мојата семејство и мојата Светосавска вера“, стои во соопштението.
Зошто се важни писмата на Лубарда?
Значењето на овие писма е и во тоа што се испратени до сите архијереи на Српската православна црква, односно до епископите кои го сочинуваат Соборот – највисокото црковно тело кое одлучува за клучни прашања во животот на Црквата. Со оглед дека редовното заседание на Соборот е закажано за мај, постои можност прашањето за постапката што се води во Словенија против патријархот Порфириј да се најде меѓу темите за кои ќе расправаат епископите.
Да потсетиме, Државното обвинителство во Љубљана поднесе обвинителен предлог против патријархот на Српската православна црква, Порфириј, поради сомнение за злоставување на работното место во случајот на Жељко Лубарда. Според документ од 10 февруари 2026 година, обвинителниот предлог е поднесен против Порфириј, кој во времето на настаните бил митрополит загребско-љубљански, како и против Српската православна црква, односно Црковната општина Љубљана како правно лице.
Словенечкото обвинителство потврди дека обвинителниот предлог е поднесен до Основниот суд во Љубљана против едно лице за злоставување на работното место, како и против едно правно лице за одговорност за истото кривично дело.
/N1.rs


