Суд во Љубљана: Патријархот Порфириј сведочеше во спор меѓу свештеник и СПЦ

Date:

Share post:

Патријархот на Српската православна црква, Порфириј, бил сослушан како сведок во постапка пред Работниот и социјалниот суд во Љубљана, водена по тужба на свештеникот Жељко Лубарда против Српската православна црква, односно Црковната општина Љубљана, поради наводи за злоставување на работното место.

Според записникот од рочиштето, во кој увид имал порталот Nova.rs, патријархот Порфириј во своето сведочење негирал дека имал каква било улога во притисоци врз Лубарда и посочил дека за работниот однос на свештеникот била надлежна Црковната општина во Љубљана.

Во исказот пред судот тој навел дека како митрополит не бил непосреден работодавач на свештеникот. „Мислам дека во конкретниот случај работодавач е црковната општина, а не јас лично“, изјавил Порфириј.

На прашање за односите со Лубарда, тој рекол дека нивните контакти биле ретки и дека никогаш не разговарале за проблеми. „Со господинот Лубарда се видов само неколку пати, но никогаш не сме разговарале за некакви проблеми“, изјавил тој.

Патријархот пред судот негирал и дека вршел притисок врз свештеникот или дека учествувал во наводно злоставување.„Никогаш лично не сум му се обраќал на господинот Лубарда ниту сум вршел притисок врз него да се пресели на територијата  на својата парохија“.

Говорејќи за преместувањето на свештеници, Порфириј пред судот изјавил дека таквата практика е вообичаена во црковната организација и претставува дел од редовното функционирање на црковниот живот.

За време на сослушувањето тој се осврнал и на кривичната постапка против свештеникот Перан Бошковиќ, кој подоцна бил правосилно осуден за проневера на црковни средства. На прашање дали спорот со Лубарда е поврзан со тој случај, Порфириј одговорил дека настанот се случил пред тој да ја преземе функцијата.

Постапката пред Работниот и социјалниот суд во Љубљана се водела како работен спор меѓу Лубарда и Српската православна црква, односно Црковната општина Љубљана, во кој свештеникот тврдел дека бил изложен на долготрајно злоставување на работното место.

Според судска одлука донесена претходно, словенечкиот суд утврдил дека Жељко Лубарда бил жртва на злоставување на работното место, што во судската документација било опишано како еден од најтешките случаи на мобинг во словенечката пракса.

Како што изјавил Лубарда за Nova.rs, во судските списи биле евидентирани близу 50 конкретни дејствија на злоставување, кои биле основа за поднесување кривична пријава и за покренување обвинителен предлог во Словенија поради злоставување на свештеник на работното место.

Во меѓувреме, случајот добил и кривично-правен продолжеток, бидејќи словенечкото обвинителство поднело обвинителен предлог, со што долгогодишниот спор меѓу свештеникот и црковните власти продолжува пред кривичен суд.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img