Православни архиереи предводеа панправославни групи свештеници, монаси и верници на годинешните маршеви за живот во Вашингтон и Сан Франциско, одржани викендов во Соединетите Американски Држави, известува Assembly of Bishops.
53-от национален марш за живот се одржа во петок, предводен од епископот Иринеј од Српската православна црква, заедно со митрополитот Тихон, поглавар на Православната црква во Америка (ПЦА), архиепископите Мелхиседек и Михаил и епископот Андреј од ПЦА, епископите Александар и Јован од Антиохиската архиепископија, како и епископот Нектариј од Вселенската патријаршија.
Настаните започнаа со света Литургија во катедралата „Свети Николај“ на Православната црква во Америка, по што следеше заеднички појадок организиран од катедралата и движењето „Православни христијани за живот“.
Пред почетокот на маршот, епископот Иринеј ја изговори воведната молитва на главниот собир, молејќи се за заштита на неродените деца, за мудрост и љубов кај мајките, како и за утеха и помирување за оние кои изгубиле деца. Во молитвата беа спомнати и граѓанските власти кои ја поддржуваат заштитата на животот.
Потоа, митрополитот Тихон отслужи молебен за прекин на абортусите, по што официјално започна маршот низ улиците на главниот град.
Следниот ден, во Сан Франциско се одржа маршот „Walk for Life West Coast“. Православната делегација таму беше предводена од епископот Василиј на Сан Франциско од ПЦА, кој ја изговори воведната молитва и служеше посебен православен молитвен чин за заштита на животот.
Учеството на православните архиереи и верници на двата брега на САД беше оценето како јасен израз на заедничкото православно сведоштво за вредноста на човечкиот живот и на јавната улога на Црквата во современите општествени дебати.

