Бројот на православни храмови и парохии во Франција е зголемен за 36 проценти во периодот од 2010 до 2024 година, покажува нова студија заснована на податоци од Соборот на православни епископи во Франција (AEOF). Во наведениот период бројот на православни богослужбени места пораснал од 235 на 320.
Паралелно со тоа, значително се зголемил и бројот на православното свештенство. Вкупниот број клирици пораснал за 40 проценти – од 290 на 406. Бројот на свештеници се зголемил за 37 проценти, додека бројот на ѓакони бележи пораст од дури 57 проценти.
Главен двигател на овој раст е масовната имиграција по влезот на Романија во Европската Унија во 2007 година. Романската православна црква денес сочинува 37,5 проценти од сите православни структури во Франција. Во периодот на истражувањето, таа речиси го удвоила своето присуство – од 62 на 120 храмови и парохии, што претставува пораст од 94 проценти.
Романската црква управува и со 12 од вкупно 28 православни манастири во Франција, односно 43 проценти од сите монашки заедници.
Значителен пораст бележат и други православни јурисдикции. Грузиската православна црква пораснала за 300 проценти (од 1 на 4 богослужбени места), Руската задгранична православна црква за 29 проценти, Српската православна црква за 20 проценти, а Бугарската православна црква за 33 проценти.
Спротивно на овој тренд, митрополијата на Вселенската патријаршија забележала пад од 7 проценти. Истражувањето ова го поврзува со стареењето на поранешните грчки имигрантски заедници и со асимилацијата на новите генерации родени во Франција.
Студијата, изработена од отец Живко Панев врз основа на официјалниот именик на AEOF објавен од манастирот Кантаук, проценува дека во Франција во 2025 година живеат околу 700.000 православни верници.
Покрај демографскиот раст, се забележува и постепена „франкофонизација“ на православниот живот. Бројот на парохии кои богослужат на француски јазик се зголемил за 52 проценти – од 92 на 140. До 2024 година, 44 проценти од парохиите биле целосно или претежно франкофонски, во споредба со 39 проценти во 2010 година, додека 81 процент од сите парохии користат француски јазик самостојно или двојазично.
Православното присуство во Франција е организирано во рамки на десет канонски јурисдикции, зависни од различни автокефални патријаршии, што ја одразува историјата на православната имиграција во текот на 20.век.
Истражувањето нагласува дека овој раст на Православието е во силен контраст со континуираниот пад на религиската практика кај римокатолиците и историските протестантски заедници во Франција.

