Против основачката на првиот детски дом во Москва „Дом со светилник“ е покрената административна постапка по обвинение за „дискредитирање на армијата“. Предметот е доставен до Измајловскиот окружен суд во Москва, а станува збор за Лида Монијава – православна христијанка и долгогодишна активистка во областа на палијативната грижа.
Во изјава за медиумот РБК, Монијава нагласи дека работата на фондацијата продолжува непречено.
„Во ‘Дом со светилник’ ништо не се менува, како и досега продолжуваме да им помагаме на тешко болни деца“, изјави таа.
Лида Монијава е родена во 1987 година во Москва и повеќе од една деценија е активна во невладиниот сектор. Таа има клучна улога во основањето на детскиот хоспис „Дом со светилник“, каде од 2018 година ја извршува функцијата директор на фондацијата.
Фондацијата обезбедува поддршка за тешко болни деца и млади лица до 30-годишна возраст, со тим од над 400 специјалисти и околу 500 волонтери. Во управните структури се вклучени и познати културни дејци, како и свештеникот Алексеј Умински. Монијава е парохијанка на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Москва и е добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија за својата хуманитарна работа.
Обвинението за „дискредитирање на армијата“ во Русија во последните години се применува во случаи на јавно изразување несогласување со војната, вклучително преку јавни изјави, објави на социјални мрежи или медиумски настапи. При повторување на делото, можни се и кривични санкции.
Според организацијата „Христијани против војната“, десетици свештенослужители на Руската православна црква – ѓакони и свештеници – се соочуваат со административни или кривични постапки поради нивни антивоени ставови. Слични случаи на притисоци се регистрирани и меѓу православни верници и свештеници во Белорусија.

