Најавата дека Вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе присуствува на погребот на грузискиот патријарх Илија Втори во Тбилиси отвори вистинска лавина во православниот свет.
Според анализата на рускиот теолог Сергеј Чапнин, ова не е само протоколарна одлука, туку силен сигнал со далекусежни последици.
Доколку Вартоломеј навистина дојде и го предводи опелото, тоа автоматски ја става Руската православна црква во исклучително незгодна позиција. Од 2018 година, поради украинското прашање, Москва и Цариград се во прекин на заедничко сослужување. Тоа значи дека присуството на делегација од Москва, без учество во богослужбата, би изгледало, како што оценува теологот: „чудно и понижувачко“.
Прашањето што сега ја интригира јавноста е: дали московскиот патријарх Кирил ќе направи исклучок? Или ќе избере целосно дистанцирање? Според проценките, малку е веројатно дека Москва целосно ќе отсуствува, но уште помалку дека ќе прифати сослужување со Вселенската патријаршија.
Ситуацијата дополнително се комплицира со фактот што покојниот Илија Втори долго време одржуваше внимателен баланс меѓу двете страни, задржувајќи добри односи и со Москва и со Цариград. Токму неговото последно испраќање сега може да стане сцена на најголемиот црковен тест во последните години.

