Јубилеј во сенка на поделби, судови и разорена заедница

Date:

Share post:

По повод најавеното одбележување на јубилеј во Австралија: со кој образ се слави, и зошто вистинскиот јубилеј за народот ќе биде заминувањето на владиката Петар

Овој јавен осврт и реакција следуваат по неодамнешните медиумски настапи и најави за свечено одбележување на јубилеј во Австралија, кои повторно ги отворија старите, но никогаш затворени прашања за состојбата во македонската православна заедница во дијаспората. Наместо да донесат мир и помирување, ваквите најави кај значаен дел од верниците предизвикаа револт, болка и чувство дека се игнорираат децениски последици од едно проблематично управување.

Пред неколку дена во јавноста се појави информација дека во Австралија се подготвува одбележување на јубилеј на владиката Петар. Наместо чувство на духовна радост и заедничко задоволство, оваа најава кај значаен дел од македонската заедница предизвика сериозна вознемиреност, недоумица и оправдано негодување.

Јубилејот во Црквата не е протоколарна форма, туку морално и духовно сведоштво дека архипастирската служба била плодна, обединувачка и спасителна за народот. За жал, реалноста што македонските верници во Австралија ја живеат повеќе од три децении е длабоко спротивна на таа смисла.

Дополнителна тежина на оваа реакција ѝ даваат и континуираните јавни настапи на митрополитот Петар во македонските медиуми, каде со години се зборува за „неред“, „пропусти“, „узурпации“ и „незаконитости“ во македонската дијаспора, без притоа да се направи јасен самокритички осврт на главната улога што токму тој ја имал во создавањето на таквите состојби во Австралија, кои пред неговото доаѓање не постоеја, благодарение на мудрото водење од страна на Митрополитите Кирил и Тимотеј.

Во тие јавни обраќања речиси целосно се премолчуваат: долгогодишните судски процеси против македонските црковни општини, иморното прашање на храмовите во неговата епархија, конфликтите со демократски избрани управи, нелогичните расчинувања и несослужувањето меѓу македонските свештеници од двете епархии,  ако и сериозната духовна и финансиска штета што ја понесе заедницата, благодарение на неговото наемничко раководење во Австралија што резултираше со катастрофална последица: поделба и кавги, црковен раздор, кој сеуште го разгорува.

За верниците во Австралија, ваквиот јавен дискурс создава впечаток на двоен аршин: строги критериуми за сите други, а отсуство на одговорност за сопствените одлуки. Токму затоа, најавата за јубилеј не се доживува како духовен чин, туку како обид за самопромоција без соочување со последиците од триесетгодишното управување.

Посебна загриженост во јавноста предизвикуваат информации за некои црковни имоти во Австралија се заведени имиња на свештени лица, наместо да бидат во сопственост на самите црковни општини. Оваа состојба ја нарушува правната сигурност и принципот на заедничка црковна сопственост и дополнително ја продлабочува недовербата кај народот.

Се запрашуваме со кој образ се слави јубилеј?

Со кој образ се слави јубилеј во средина што со години е разорена од поделби, недоверба и конфликти?

Со кој образ се организира свеченост кога македонски свештеници не смеат да сослужуваат со македонски свештеници?

Со кој образ се зборува за духовни успеси кога зад себе останаа децениски спорови, расчинувања, судски процеси и милионски финансиски и имотни штети?

Ова не се навреди, туку прашања што со години ги поставува народот – прашања на кои никој не даде јасен одговор.

Три децении поделби и институционален застој

Во последните 30 години, меѓу верниците и членовите на управните тела на македонските православни црковни општини во Австралија се создадоа сериозни недоразбирања, длабоки поделби и трајни незадоволства. Според убедувањето на голем дел од заедницата, тие се резултат на начин на управување што се доживува како неканонски, неуставен и спротивен на принципите на демократија, соборност и отчетност што и денес не функционираат во Епархијата на владиката Петар, каде владее анархија и своеволие.

Наместо духовно и организациско зацврстување, по доаѓањето на владиката Петар и пропагирањето на неговото мислење за имотното и материјално раководење, следуваа: расчинувања на свештени лица, институционални судири, долготрајни судски постапки, несослужување како „нормалност“, и трајно нарушена доверба меѓу верниците.

Затоа сметаме дека најавата на ваква свеченост е форма без суштина и навреда за болката на заедницата.

Затоа мора јасно да се каже она што многумина одамна го мислат: вистинскиот јубилеј за македонскиот народ во Австралија нема да биде уште една свечена прослава, туку денот кога ќе заврши триесетгодишното раководење на владиката Петар, единствениот владика во целата историја кој се тужел со своите верници.

Тој ден ќе биде празник на надежта: надеж за нов почеток, за враќање на довербата и за Црква што повторно ќе биде духовен дом, а не извор на страв и поделби, од кои интерес имаат само нашите непријатели.

Сè друго е форма без суштина.

Пишува: Кире Циревски

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img