Жестокоста со која реисот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, го осуди повикот на имамот Садула Бајрами младите да не се образоваат на високообразовните институции, нарекувајќи го „монструм и странски платеник“, не е случајна. Ако внимателно се следат работите, ќе се забележи дека таков прв жесток јавен настап следува по неколку случувања. Во нив најважни се полициските акции „Ќелија 1“ и „Ќелија 2“ кога беа уапсени и осудени десетина припадници на радикалниот ислам, а ИВЗ во свое владение ги поврати со години одметнатите Тутунсуз и Јахја-пашината џамија, кои беа упоришта на овие структури. Нивното враќање под контрола на ИВЗ, а што помина без поголем отпор на теренот од приврзаниците на водачите што се притворени и осудени, очигледно, го охрабри раководството на оваа верска заедница, кое почувствува дека сега е токму момент кога оваа пресметка треба и да се финализира.
Оние што ги следат случувањата во исламскиот корпус во земјава знаат дека таков јавен и жесток напад не се случувал претходно, туку се се сведувало на повици до државните органи да ги ослободат запоседнатите џамии. Сега, вокабуларот на реисот е сменет, заострен и укажува дека пресметката продолжува. Таа сега е свртена кон оние исламски теолози што дејствуваат надвор од верските објекти на ИВЗ.
За постоењето на нелегалната просторија кај бензинската пумпа во скопската општина Чаир се знае со години, но ниту ИВЗ тоа прашање не го потегнуваше во јавни обраќања. Се знаело, сигурно, и за тоа што се зборува таму, особено на петочните проповеди и, извесно, повиците до младите да не се образоваат не биле единствени што таму се слушале. Сега, реисот реши јавно и категорично да каже дека исламот каков што таму се проповеда нема место меѓу муслиманите во Македонија. Најави и пресметка со тамошните водачи и сега треба да се види како сето тоа ќе заврши.
А дејствувањето на ваква нелегална џамија не е единствено нешто што сега е во фокусот на ИВЗ. Јавна тајна е дека такви групации, освен во скопски Чаир, постојат и во некои други скопски општини, Сарај, на пример, каде се знае и кој исламски теолог е центар на ширењето на исламот што нема врска со традиционалниот во земјава. Kога се ќе се собере, ќе излезе дека имињата на исламските теолози што пред година дена ги спомнуваа семејствата на џихадистите од Kосово, како клучни идеолози што ги мотивирале нивните деца да заминат во редовите на Исламска држава, биле токму тие. Значи, по периодот на молчењето, пресметката излезе на јавна сцена.
ИВЗ си го кажа своето, својата категоричност, која, очигледно, е зајакната и со помошта на државните органи, така што сега е прашање како на таа категоричност ќе одговорат овие структури. Нивниот избор не е голем и се сведува на две работи: или ќе се повлечат и ќе најдат заеднички јазик со ИВЗ за тоа што може, кој може и каде може да зборува за исламската вера или ќе продолжат по патот што си го зацртале. Се уште не е доцна да се најде компромис и во име на исламот да не дојде до поголеми судири. Никој не сака и да помисли дека и во нашата земја би можел да се случи, не дај Боже, некаков напад по примерот на оние што сега ги гледаме во Франција, Германија… Верувам дека такво нешто никој не посакува и оти такво нешто би значело голем безбедносен предизвик во земјава, а што тешката политичка криза би ја направило уште потешка. За да се одбегне тоа, добро би било да се иницираат средбите на раководството на ИВЗ со овие структури на кои отворено би се зборувало за сите разлики што постојат меѓу муслиманите во земјава. Kолку и да биле длабоки тие разлики, поинаку е кога се зборува за нив и ќе се одбегне гледањето преку „нишан“. Оти и тие структури треба да сфатат дека во земјава веќе не може да се толерира незаконското држење проповеди од неовластени имами, колку и да имале приврзаници.
Јасно, по сите овие години на дејствувањето на овие структури надвор од ИВЗ, прашање е дали таков дијалог е можен и дали се сака. Ако се сакаше, немаше да се прават нелегални џамии и да ни се случи од нашата земја во редовите на џихадистите да заминат околу двесте млади луѓе, да загинат триесетина, а осумдесетина сега да се повратници за кои не се знае што утре би можеле да направат.
Моментот, сепак, е клучен и не е на патеката без враќање. Разликите за тоа каков ислам треба да се проповеда полесно ќе се амортизираат ако се водат првенствено меѓу исламските теолози. Тогаш на виделина ќе излезе кој и каков ислам сака да имаме во земјава. Ако таквата диференцијација продолжи да се одвива илегално, сите многу ризикуваат и станува неизвесно што би можело да се случи како последица од продолжувањето на таквата конфронтација. До што се дошло во другите земји во тоа „диференцирање“ во исламските редови сите добро видовме. Тоа е последното нешто што би сакале да го видиме и тука во иднина.
Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

