Патријархот на Грузија, Илија, е хоспитализиран по нагло влошување на неговата здравствена состојба, соопшти Патријаршијата на Грузија.
Тој се наоѓа на лекување во Медицинскиот центар „Кавказ“, а неговата состојба е оценета како сериозна, но стабилна. Според информациите, здравствената состојба на патријархот значително се влошила во текот на ноќта, по што била извршена итна медицинска интервенција.
Грузискиот министер за здравство изјави дека се направени сите потребни прегледи и медицински процедури.
Лекарите потврдиле дека 93-годишниот патријарх бил примен во болница поради обилно абдоменално крварење. Неговата состојба е опишана како критична, со нестабилна хемодинамика, поради што е сместен на одделот за интензивна нега. „Со оглед на возраста и другите фактори, состојбата е тешка. Пациентот е под постојан надзор и се преземаат сите неопходни мерки за стабилизирање на виталните функции“, изјави министерот.
Според лекарскиот тим, патријархот е на апарати за вештачка вентилација и бара постојано медицинско следење поради компликациите поврзани со внатрешното крварење.
Во текот на денот, Медицинскиот центар го посетиле и високи државни претставници, меѓу кои и претседателот на Грузија, Михаил Кавелашвили, како и други функционери, кои се информирале за неговата состојба.
Од Патријаршијата упатија повик до верниците да се молат за здравјето и закрепнувањето на патријархот Илија.

