Естонските власти ги одзедоа долгорочните дозволи за престој и воведоа забрана за влез во земјите од Шенген за две руски монахињи поврзани со Нарвската епархија на Естонската православна христијанска црква (Московска патријаршија), поради нивната активна поддршка на руската воена агресија против Украина.
Станува збор за игуменијата Екатерина (Чајникова), настојателка на ставропигијалниот женски манастир „Воздвижение на Чесниот Крст“ во Подмосковје, и за монахињата Јувеналија (Королјова), економ во истиот манастир. Двете имале склучени договори за работа со Нарвскиот катедрален храм, што им овозможувало да добијат естонски дозволи за престој и социјални права, иако во практика живееле во Русија.
По новинарско истражување и по предлог на Естонската служба за безбедност, епископот на Нарва, Лазар, ги раскинал договорите за нивниот работен однос, по што дозволите за престој биле прогласени за неважечки. Истовремено, им е изречена и забрана за влез во целиот Шенген-простор.
Според податоци на естонските безбедносни служби и медиумски истраги, двете монахињи јавно ја поддржувале руската војна против Украина, повикувале и собирале донации за т.н. „херои на специјалната воена операција“, со благослов на патријархот Кирил. Манастирот што го водат редовно пријавувал помош за руската армија – храна, медикаменти, гориво, техничка опрема, па дури и борбени дронови за окупираните територии во Донбас. Се спомнува и можно учество во шеми за снабдување со системи Starlink, што отвора сомнежи за заобиколување на меѓународните санкции. Монахињата Јувеналија е позната во руските воени канали под прекарот „матушка“.
Покрај тоа, естонското Министерство за внатрешни работи депортирало и вовело забрана за влез и за рускиот свештеник Роман Колесников, кој есента 2025 година започнал служба во Естонската православна христијанска црква кон Московската патријаршија. Според властите, неговата активност била поврзана со поддршка на агресивната надворешна политика на Русија и со идеологијата на „рускиот свет“. Одлуката е донесена од безбедносни причини. Колесников е трет свештеник на кого во 2025 година му е изречена ваква мерка во Естонија.
Паралелно со овие случаи, во земјата се одвива поширок правен и политички процес. На почетокот на февруари, Државниот суд на Естонија ќе расправа по барање на претседателот Алар Карис за оценка на уставноста на измените на Законот за црквите. Тие предвидуваат можност за ограничување на дејноста на верски заедници кои ја оправдуваат или поддржуваат руската агресија. Рочиштето е закажано за 3 февруари 2026 година во Тарту.
Естонските власти нагласуваат дека верските структури и духовните лица можат да бидат искористени за подривна дејност. „Свештеничкиот чин носи специфични права кои, доколку се злоупотребат, можат да претставуваат закана за националната безбедност“, соопштија од безбедносните служби, додавајќи дека мерките за забрана на престој и влез ќе продолжат да се применуваат кога постојат безбедносни ризици.

