На 16 март 2025 година, Светиот синод го избра митрополитот на Корча, Јоан, за архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија. Тој го наследи покојниот архиепископ Анастасиј, чија долгогодишна пастирска служба имаше клучна улога во обновата на православниот живот во Албанија по падот на комунистичкиот режим.
Изборот беше извршен на седница на Светиот синод одржана во катедралниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана, веднаш по Божествената литургија. По прогласувањето на изборот, верниците го поздравија новоизбраниот поглавар со традиционалниот возглас „Аксиос“, што значи „достоен“.
Во своето обраќање, архиепископот Јоан изјави дека ја прифаќа должноста со смирение и послушност кон Божјата волја, истакнувајќи дека ќе се труди да ја зачува светата традиција и да ги брани правата на Црквата.
Неговото востоличување се одржа на 29 март 2025 година во катедралата „Воскресение Христово“ во Тирана. На свеченоста присуствуваа делегации од повеќе автокефални Православни цркви, претставници на државните институции и голем број верници, меѓу кои и претставници од МПЦ-ОА. Настанот имаше изразен панправославен карактер и го симболизираше континуитетот на мисијата на Албанската црква под водството на архиепископот Анастасиј.
Во јуни 2025 година, архиепископот Јован ја оствари својата прва официјална посета на Вселенската патријаршија во Цариград, каде беше примен од вселенскиот патријарх Вартоломеј. За време на средбата беше нагласена потребата од единство и соработка меѓу Православните цркви, особено во период обележан со глобални конфликти и хуманитарни кризи.
Во своето обраќање по заедничката литургија на Неделата на сите светии, патријархот Вартоломеј истакна дека соработката меѓу црквите е особено важна во време кога светот се соочува со војни и трагедии, повикувајќи ги политичките лидери да покажат воздржаност и да работат кон дијалог и мир.
Архиепископот Јован во текот на изминатата година ја продолжи својата пастирска служба и во православната дијаспора. На 1 март 2026 година, на Неделата на Православието, тој началствуваше на архиерејска Божествена литургија во храмот „Света Екатерина“ во Масачусетс, САД.
Литургијата беше сослужувана со архиепископот Елпидофор од Америка и други архиереи. Во своето обраќање архиепископот Јован ја истакна важноста од единството меѓу православните христијани, нагласувајќи дека светот треба да го види тоа единство не само во срцата, туку и во заедничкото сведоштво на Црквата.
Една година по неговиот избор, архиепископот Јован ја продолжува својата служба со акцент на зајакнување на единството на Црквата, продлабочување на духовниот живот на верниците и зацврстување на присуството на православието во современиот свет.
Неговиот мандат се надоврзува на темелите поставени од архиепископот Анастасиј, чие наследство и понатаму ја обликува мисијата и животот на Православната црква во Албанија.

