Министерството за туризам, култура и спорт на Албанија објави дека 10 икони со исклучителна национална и духовна вредност, украдени од црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Лабова е Крос, повторно се вратени во сопственост на Автокефалната православна црква на Албанија.
Иконите биле надвор од земјата цели 14 години, а нивното враќање е резултат на координирана акција на државната полиција и тесна институционална соработка меѓу Националниот институт за регистрација на културно наследство и ресорното министерство.
Надлежните институции оценуваат дека станува збор за значаен успех во борбата против трговијата со културни добра и јасен сигнал дека државата активно ја штити својата духовна и историска меморија.
Албанија бара уште докази за да ги врати украдените икони од Македонија
Од Министерството порачуваат дека соработката со верските заедници и архиепископот ќе продолжи и понатаму, со цел пронаоѓање и враќање на други предмети кои со години се водат како исчезнати, со јасна и недвосмислена определба за заштита на културното наследство.
Наспроти овој пример, состојбата во Македонија останува загрижувачка. Македонските цркви со децении се предмет на кражби, при што на стотици вредни икони им се губи трагата иако еден дел беа пронајдени и вратени. Меѓу нив беа и неколку вратени икони од Албанија, пред десетина години.
Дополнителен проблем е отсуството на сеопфатна и прецизна државна евиденција за бројот на украдени и нелегално изнесени икони во изминатите три децении.


