Митрополитот Епифаниј Киевски и на цела Украина му упати честитка на вселенскиот патријарх Вартоломеј по повод 35-годишнината од неговиот избор и востоличување на Вселенскиот престол, изразувајќи благодарност за неговиот придонес во православното единство и за доделувањето на томосот за автокефалност на Православната црква на Украина.
Во пораката, поглаварот на Украинската православна црква ја истакнува долгогодишната служба на Вартоломеј, неговите заложби за единството на православието, како и молитвената и моралната поддршка што тој продолжува да му ја дава на украинскиот народ во услови на војната со Русија.
Епифаниј посочува дека 35-годишното патријаршиско служење на Вартоломеј е најдолгото во историјата на Вселенската патријаршија.
„Со најтопли честитки, од длабочината на срцето, лично и во името на целото тело на помесната Православна црква на Украина, му го честитам на Неговата Сесветост вселенскиот патријарх Вартоломеј 35-годишниот јубилеј од неговиот избор и востоличување на древниот патријаршиски престол на Константинопол – Нов Рим“, наведува Епифаниј.
Централно место во пораката има благодарноста за одлуката на Вартоломеј да го решава прашањето за црковниот статус на Украина и да ѝ додели томос за автокефалност на Православната црква на Украина.
„Повторно Ви благодариме за храброста и духовната сила што ги покажавте во решавањето на значајното прашање за заздравување на раните во црковното тело на Украина и за доделувањето на томосот за автокефалност на Православната црква на Украина“, пишува Епифаниј.
Тој додава дека одлуките на вселенскиот патријарх биле донесени по внимателно расудување и со љубов кон Црквата, изразувајќи уверување дека украинските православни верници и во иднина ќе го споменуваат Вартоломеј со благодарност и во своите молитви.
Епифаниј му се заблагодарува на Вартоломеј и за континуираната поддршка за Украина, која, како што наведува, веќе петта година се соочува со страдањата предизвикани од руската војна и нападите врз земјата.
„Ви благодариме за Вашата непоколеблива поддршка и молитви за нашата Украина, која сега петта година страда од неоправданата војна и теророт што го вршат руските напаѓачи“, се наведува во пораката.
Украинскиот митрополит истовремено побарал од вселенскиот патријарх да продолжи да се моли за победа на вистината, прекин на руската агресија и постигнување праведен мир за Украина.

