Одлуката за доделување автокефалност на Православната црква на Украина во јануари 2019 година беше една од најтешките во текот на неговото патријаршиско служење, изјави Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервју за грчкиот весник „Катимерини“, по повод 35-годишнината од неговиот избор на Вселенскиот престол.
Вартоломеј, кој беше избран на 22 октомври 1991 година, се осврна на клучните моменти од своето служење, предизвиците со кои се соочувал и прашањата што сè уште остануваат нерешени. Меѓу нив посебно ги издвои украинската автокефалност, повторното отворање на Богословската школа на Халки и односите меѓу Грција и Турција.
Говорејќи за одлуката за украинската автокефалност, Вартоломеј не го криеше фактот дека таа предизвикала силно противење од Московската патријаршија.
„Беа потребни храброст и одлучност“, изјави Вселенскиот патријарх, осврнувајќи се на процесот што значително ги промени односите меѓу Вселенската и Руската православна црква.
Една од главните цели на Вартоломеј и натаму е повторното отворање на Богословската школа на Халки, која со децении е затворена. Тој потсети дека ова прашање го поставил уште во својот говор при устоличувањето пред 35 години, изразувајќи надеж дека школата наскоро повторно ќе започне со работа.
Нејзиното затворање останува едно од најзначајните прашања за Вселенската патријаршија, бидејќи станува збор за институција што со генерации образувала православни богослови и црковни кадри.
Вартоломеј зборуваше и за односите меѓу Грција и Турција, изразувајќи желба за нивно трајно подобрување и за мирен соживот меѓу двата народа.
„Не треба да има подеми и падови, туку мирен соживот меѓу двата народа и нормални односи меѓу двете земји. Сакам да придонесам за тоа“, изјави тој.
Осврнувајќи се на важните настани од своето патријаршиско служење, Вартоломеј го издвои Светиот и Велик собор на Православната црква, одржан на Крит во 2016 година.
„Тоа прашање беше отворено со децении и на крајот Соборот се одржа. Во последен момент, четири цркви не присуствуваа“, потсети Вартоломеј.
Тој изрази задоволство и од учеството на претставници на Грузиската и Бугарската православна црква на неодамнешната конференција во Шантији, Франција. Двете цркви не учествуваа на Соборот на Крит, па нивното присуство на подоцнежниот собир го посочи како значаен чекор во црковните контакти.

