Вартоломеј ја предлага Бугарската црква и патријархот Даниил како посредници меѓу Москва и Фанар

Date:

Share post:

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја посочи Бугарската православна црква како посредник во идните напори за надминување на расколот во православниот свет, нагласувајќи дека таа има добри односи и со Руската православна црква и со Вселенската патријаршија.

Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Вартоломеј изрази очекување дека по завршувањето на војната во Украина, православните цркви повторно ќе можат да соработуваат во духот на единството и братската љубов.

„Бугарската црква е сестринска црква која има добри односи како со Руската црква, така и со Вселенската патријаршија. И таа би можела да игра посредничка улога, помагајќи за единството на црквите, за слава на Бога“, изјави Вартоломеј.

Изјавата на Вселенскиот патријарх ја отвора можноста Софија да добие значајна улога во идните обиди за обновување на црковниот дијалог меѓу Москва и Фанар. За бугарскиот патријарх Даниил, ова би претставувало сериозна задача. Неговите односи со Вартоломеј, како што самиот Вселенски патријарх ги опиша, се засноваат на искрено пријателство и заедничка грижа за иднината на Православието. Но, евентуалното посредништво би барало Софија да ги искористи врските со двете црковни средишта за да отвори простор за дијалог, без дополнително продлабочување на постојните несогласувања.

„Со Неговата светост, патријархот Даниил ги поставивме односите на едно искрено пријателство, затоа што грижата и на двајцата ни е за доброто на Православието. За единството на православието. И едниот може да му помага на другиот, а двајцата заедно да помагаме на таа заедничка кауза за сеправославното единство и соработка меѓу сестринсиите православни цркви“, изјави Вартоломеј зас БНТ.

Вартоломеј: По војната повторно ќе соработуваме

Говорејќи за сегашната состојба во Православието, Вартоломеј оцени дека на Црквите им е потребно искрено соочување со сопствената одговорност, покајание, молитва и подготвеност за помирување.

„Како ќе биде надмината оваа сегашна тензична состојба, која несомнено е непријатна? Со покајание, со искреност, со молитва, со добро расположение и со осознавање на нашата одговорност за иднината на Православието“, рече тој.

Вселенскиот патријарх ја бранеше одлуката за доделување автокефалност на Православната црква на Украина, оценувајќи дека украинскиот народ има право на црковна независност од Москва. Тој ја обвини Руската православна црква дека со своето дејствување во контекст на војната се оддалечила од украинскиот народ, отфрлајќи ја идејата за таканаречениот „руски свет“ како основа за православното единство.

„ Продолжуваме да веруваме овде во Фанар, но и заедно со нам многу други во целиот православен свет, дека многуте милиони наши украински браќа имаа право да ја придобија својата авктокефалност да не зависат од еден центар како Москва, која на дело се покажа како враг на украинскиот народ, а не брат во верата. Русија претендираше и кажуваше дека заедно со Украина, Белорусија и со Молдавија, ја претставуваат Рускиот свет. Нема руски свет. Има православен свет, кон кој сите припаѓаме и за чие единство сме должни да се грижиме“, порача Вартоломеј.

Тој ја осуди и руската војна против Украина, оценувајќи дека е недозволиво таа да се претставува како „света војна“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img