Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија не е милост што ја подарува друг црковен центар, туку прашање на црковна самостојност, достоинство и рамноправност. Ова е ставот на поранешниот пратеник, а сега аналитичар Илија Димовски, кој во интервју за „Прес24“ ја истакнува историската улога на црквата во оформувањето на македонскиот идентитет и последиците од укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година.
Димовски смета дека укинувањето на Охридската архиепископија не треба да се разбира само како промена во црковната управа, туку и како губење на сопствен институционален центар, чии последици особено дошле до израз во XIX век, кога на Балканот се развивале модерните национални движења и државни пропаганди.
„Охридската архиепископија ја гледам како еден од клучните носители на нашиот историски континуитет и посебност. Затоа нејзиното укинување во 1767 година за мене е многу повеќе од промена во црковната управа“, вели Димовски.
Според неговото толкување, губењето на сопствената црковна институционална рамка е еден од факторите што треба да се земат предвид при анализата на историските процеси што ја обликувале Македонија во периодот на создавањето на модерните национални идентитети.
Говорејќи за современото место на МПЦ-ОА, Димовски ја поврзува нејзината улога со историското искуство и духовниот живот на македонскиот народ. Тој нагласува дека црковната самостојност не треба да се поставува како прашање на туѓа дозвола или покровителство.
„Автокефалноста не ја доживувам како милост што некој друг ни ја подарува. Бараме таа да биде прифатена и признаена, со достоинство и рамноправност, а никако конституирана од било кој друг центар“, истакнува аналитичарот.
Неговиот став е дека односите со другите помесни православни цркви треба да се развиваат врз основа на духовно заедништво, но без односи на надреденост и потчинетост.
„Со сите сестрински цркви треба да градиме духовно заедништво без патронски односи, преименување или потчинување“, вели Димовски.
Ова прашање го поставува во контекст на поширокото разбирање на црковниот идентитет, кој, според него, не може да се одвои од историските околности во кои се развивале македонските духовни и културни институции.
Димовски потсетува дека во долг историски период црковната организација била една од ретките трајни институционални рамки преку кои населението ги организирало духовниот, образовниот и културниот живот. За разлика од денешните општества, во кои тие функции ги извршуваат бројни државни и научни институции, во претходните векови значаен дел од нив бил поврзан со црквата.
Сепак, тој прави јасна разлика меѓу историската улога на црквата и современото разбирање на националниот идентитет. Според него, верската припадност не смее да биде услов за нечија припадност кон македонскиот народ.
„Признавањето на историската улога на црквата не значи дека верската припадност е услов за денешниот македонски идентитет. Македонското општество е пошироко и мора да има простор за секој човек“, нагласува Димовски.
Тој посебно ги споменува Македонците во Дебарско, Гора и други средини, истакнувајќи дека улогата на МПЦ-ОА не треба да ги отуѓува од заедничкото национално стебло луѓето со различни верски и црковни искуства.
Во интервјуто за „Прес24“, Димовски се осврнува и на македонските културни и историски врски со соседните општества, посочувајќи дека заедничките корени и културните сродности не треба да бидат причина за конфликти, туку основа за соработка.
Тој предупредува дека блискоста меѓу народите може да се претвори во политички спор кога се користи како аргумент за присвојување или за наметнување национална припадност.
„За тие врски навистина да станат основа за добрососедство, мора да исчезне претензијата дека блискоста на едниот му дава право да го дефинира другиот“, вели Димовски.
Како стратешка цел на Македонија, тој го посочува создавањето македонски културен простор во рамките на европските политики и регионалната соработка. Во тој контекст ги споменува културните врски со Македонците во Пиринска и Егејска Македонија, како и во други средини надвор од границите на државата.
Неговата теза е дека зачувувањето на историската меморија, културните традиции и црковното наследство треба да оди заедно со почитувањето на современите идентитети и правото на секој човек самиот да ја определува својата национална припадност.
Целото интервју на Прес24.мк

