„Во овој момент светот има исклучителна потреба од мир. И, се разбира, ќе се молиме за единството на нашите Цркви“, порача Вселенскиот патријарх Вартоломеј во храмот Св. Александар невски во Софија, пред денешната литургија со Бугарскиот патријарх Даниил.
Двајцата патријарси денеска ќе сослужуваат на свечена архиерејска света литургија во патријаршиската катедрала „Свети Александар Невски“ во Софија.
Вартоломеј, во изјава за медиумите рече дека со голема радост повторно доаѓа во Бугарија, која ја опиша како гостопримлива и убава земја. Посебно го истакна гостопримството на бугарскиот патријарх Даниил, со кого, како што рече, за време на неговите две неодамнешни посети на Турција изградиле искрено братско пријателство.
Вартоломеј најави дека утре ќе има благослов да се поклони пред моштите на светецот во Рилскиот манастир, каде што е предвидена кулминацијата на неговата посета на Бугарија.

