Православните епископи што служат во Италија и Малта ја истакнаа потребата од посилна меѓусебна соработка и усогласено православно сведоштво во италијанското општество, без притоа да се нарушат канонските надлежности и посебноста на одделните црковни јурисдикции.
Ова е една од главните пораки од седницата на Православното епископско собрание на Италија и Малта, одржана на 16 октомври во храмот „Сан Јакопо“ во Фиренца, под претседателство на италијанскиот митрополит Поликарп.
На средбата учествувале митрополитот Андреј од Српската патријаршија, надлежен за Швајцарија, Италија и Малта, епископот Симеон, како претставник на митрополитот Јован од Париската архиепископија на Руската црква, како и викарните епископи на Православната архиепископија на Италија – Георгиј, Дионисиј и Атинагора.
Во фокусот на разговорите биле пастирските предизвици со кои се соочуваат православните заедници, нивните односи со италијанското општество и државните институции, како и можностите за заеднички настап во прашања од заеднички интерес.
Особено внимание било посветено на учеството на Православната црква во екуменскиот и меѓурелигискиот дијалог. Епископот Дионисиј ги претставил двата неодамна потпишани документи: Пактот меѓу христијанските цркви во Италија, потпишан во Бари на 23 јануари 2026 година, и Пактот на религиите во Италија, потпишан во Рим на 25 јуни годинава.
Во дискусијата била нагласена потребата од јасно разграничување меѓу соработката на верските заедници за прашања од заеднички општествен интерес и зачувувањето на нивните богословски и верски убедувања. Според заклучоците од средбата, дијалогот со другите христијански вероисповеди и религии не треба да значи откажување од православниот идентитет, туку можност тој да биде јасно и одговорно посведочен.
Епископите оцениле дека разновидноста на јазичните, културните и историските традиции на православните заедници во Италија претставува богатство, но дека таа треба да биде проследена со посилна свест за заедничката вера, апостолското Предание и светотаинското единство.
Во таа насока, била изразена надеж дека Православното епископско собрание ќе стане уште позначајно место за средба, размена на мислења и координација меѓу различните канонски јурисдикции, особено во односите со институциите и другите чинители во италијанското општество.

