Вселенскиот патријарх Вартоломеј и бугарскиот патријарх Даниил денеска ќе сослужуваат на архиерејска литургија во Софија, а подоцна ќе отслужат и помен на гробот на починатиот бугарски патријарх Неофит.
Денеска е вториот ден од посетата на поглаварот на Вселенската патријаршија на Бугарија, која се одвива во присуство на актуелниот бугарски патријарх Даниил, кој вчера лично го пречека Вартоломеј.
Во рамките на денешната програма, двајцата патријарси ќе учествуваат на свечена архиерејска света литургија, по што е предвидена и богослужба на гробот на патријархот Неофит, кој почина во март 2024 година.
Синоќа, во рамките на посетата, беше отворена и изложбата посветена на Света Гора, насловена „Света Гора во Софија“, која е дел од културната програма на визитата.
Кулминацијата на посетата е предвидена за утре, на празникот на свети Јован Рилски, кога Вартоломеј и Даниил ќе учествуваат во свеченостите во Рилскиот манастир, едно од најзначајните духовни средишта на Бугарската православна црква.

