Сите ние – христијаните, знаеме дека светата Литургија е сржта на нашето постоење во овој свет и век. Целиот наш живот е, или треба да е, една света Литургија. Богочовекот Христос повторно го живее Својот живот во секој еден од нас, а ние повторно го живееме Неговиот живот – секој еден од нас, лично. И уште, во таа Литургија, секој еден од нас живее преку сите и сите живеат преку секој еден од нас – взаемно причестувајќи се во Христос, јадејќи од едниот Леб и пиејќи од едната Чаша.
Целиот овој Домострој на нашето спасение е опишан и во самиот текст на светата Литургија и затоа постојано потсетувам, пред Нејзиниот почеток, многу да внимаваме на зборовите од Литургијата за живо да учествуваме во Неа, а не да бидеме само некои неми набљудувачи кои очекуваат некаков чудотворен исход – како кога се оди на бајачи и гатачи. Затоа е и многу важно повеќето зборови од молитвите на светата Литургија да бидат изговорени на глас.
Но, нашето живо учество во светата Литургија е одредено од нашето учество во Крстот Христов, во Неговата Смрт и Неговото Воскресение. Колку повеќе, подлабоко, учествуваме во Христовите Крст, Смрт и Воскресение, толку повеќе ќе можеме да учествуваме во Литургијата Негова и толку повеќе ќе се причестиме и со Богочовекот Христос и меѓусебно, т.е. и меѓусебно и со Него – оти, „ако нешто сте му направиле на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте ми направиле“.
Ефективноста на нашето учество во Литургијата се препознава единствено по квалитетот на нашиот подвиг и молитва. Колку ние го распнуваме нашиот ум ставајќи го во процес на исцеление преку послушание на духовниот отец и колку го распнуваме преку молитвено насочување на неговата енергија кон изворот на нашето внатрешно слово – кон неговата суштина во нашето духовно срце, толку ние и учествуваме во Крстот Христов, во Неговата Смрт и во Неговото Воскресение.
Има уште еден знак кој треба да го следи гореспомнатиот, а тоа е „последното место“, т.е. слуга на сите, виновен за сѐ и анонимноста. И како што после Крстот Христов следи Смрт и гроб, така и после овој подвиг следи отворање на срцето за умно-срдечната молитва и молитвено погребување на умот во него. И како што после Смртта Христова следи Воскресение, така и после подвигот на умно-срдечната молитва следи „грабнување на умот“ и гледање на несоздадената Божја светлина.
Како што во секој момент од Христовиот живот се содржат и сите останати и како што, слично на ова, првиот степен од нашиот живот ги содржи и останатите степени, така и отворањето на нашето срце за умно-срдечната молитва и пројавувањето на благодатта на Крштението од него, го покажува учеството – не само во Неговата Смрт, туку и во Неговото Рождество. Затоа на православната икона од Христовото Рождество, Неговите јасли се изобразени како гроб, а повоите – како погребни.
Христос се роди!
Пишува: Митрополит Струмички Наум

