Прво, секоја власт е од Бог, или како допуштение или како Негова волја; и треба да се исполнуваат нејзините световни закони, но не ако тоа значи нарушување на евангелските заповеди, како и одрекување од Бог. Секоја власт е само пренесена, ополномоштена од Епископот на Црквата и се извршува во негово, т.е. во Христово име, затоа што Епископот не треба да се занимава со световни грижи, а треба да е посветен исклучиво на Црквата. Така, секоја власт која нема благослов од Епископот е сигурно само допуштена.
Кога власта е допуштена или иноверна, тогаш реалната власт и за световните работи природно се враќа кај Епископот – кој е на место и обличје Христово, икона Христова, а Христос е цар и на небото и на земјата.
Второ, христијанинот треба својата храна да си ја заработи со труд, а од тоа што ќе го заработи ќе има да го плати и данокот на државата; како и да им помага на тие што немаат или на друг начин страдаат. И не треба само да чекаме некој да нѐ замоли за помош, туку треба сами да се потрудиме да пронајдеме кој страда во наша близина и да му помогнеме.
Трето, и Епископот треба да работи, но неговата работа главно е надгледување на животот на Црквата, служење на Светата Евхаристија и поучување на верните. Овој дел од работата на “Епископот е видлив и мерлив. Има и невидлив дел. Црквата треба да се грижи за потребите на Епископот. Ако се случи црковната заедница да не се грижи или да не може, тогаш Бог сигурно ќе се погрижи, ако Епископот се труди во своето дело – тоа е најдобрата варијанта.
Четврто, и свештеникот би требало да работи и да си го заработи својот леб, а за Црквата да работи бесплатно – “бесплатно добивте, бесплатно давајте” (Матеј 10,8).
Епископот би требало свештеникот да го избира од Светата Евхаристија, а не од за тоа специјализирани школи. На тој начин Епископот ќе биде посигурен во својот избор – тоа секогаш ќе биде човек што многу години се црквува, пости, се моли, се исповеда, редовно се причестува, го раѓа конкретна Евхаристиска заедница, сите го потврдуваат, има верно семејство и го красат сите добродетели, и има своја работа и плата, а школото лесно се завршува и отпосле. Таквиот начин на избор ќе ѝ овозможи на Црквата да има многу повеќе свештенослужители кои ќе служат бесплатно, кои ќе можат многу повеќе внимание да посветат на духовното раководство на верните и на мисијата на Црквата, а од друга страна, на Црквата ќе ѝ останат многу повеќе финансиски средства за помош на страдалните, за организирање на школи, болници и разни домови за бесплатна нега.
Со еден збор, Црквата ќе биде административно организирана да дава, а не да зема, и со сосема друг авторитет пред луѓето.
Или ќе функционираме како што треба, како што вообичаено функционираат манастирите, или луѓето и понатаму ќе губат доверба во нас, а некои и вера.“
Пишува: Струмички Наум


Ако е така нека е така и нека биде. Школото не може да биде минус но не мора да биде услов или единствен услов.