Храмовите во Грција во деновите на Страсната Седмица и Велигден ќе бидат отворени за верниците, соопшти Св. Синод на грчката црква по денешниот редовен состанок.
Архиепископот Јероним ги информирал митрополитите за разговорите со владата и за условите под кои ќе работат храмовите за време на празниците.
Св. Синодот ги испочитува забраните за движење на луѓе во одредени периоди и затоа празничните служби ќе започнат половина час порано. Во однос на велигденската служба, таа ќе почне во 21:00 часот на Велика Сабота. Богослужбата ќе се одржи надвор од храмовите, како што е традиционално, а Божествената литургија ќе биде во нив.
Претходно, некои митрополити изразија став дека ваквото преместување на богослужбата ќе има спротивен ефект и ќе доведе до многу поголема концентрација на луѓе.
Св. Синодот ќе испрати упатства до сите епархии за редоследот на богослужба.
