Црковниот имепријализам на Москва и на Белград – Автокефалност без автокефалност

Date:

Share post:

Малкумина ја анализирале една од последните изјави на рускиот патријарх Кирил, во која тој вели дека во постсоветските територии нема граници и дека единствената црква што ја има власта на овие простори е Руската православна црква и тој лично како Патријарх. Таа изјава практично е основата на империјалистичкиот модел, што тој лично, а и Руската православна црква се обидува да го наметне како нов концепт на функционирање на Православната црква веќе подолго време. Поточно тоа е концепт на воскреснување на византиската филозофија на односот меѓу државата и црквата.

Во таа изјава Кирил меѓу другото вели: „И покрај појавата на политички граници во таканаречениот постсоветски простор, за Руската православна црква нив ги нема, бидејќи ние сме црква на цела Русија, а за мене Киев, Минск и другите престолнини на републиките се исклучително важни духовни центри на обединета Света Русија. Оваа свест го опфаќа најголемиот дел од нашето свештенство, луѓе со вероисповест, и тоа не само во Руската Федерација, туку дури и во оние места каде што можете да ја изгубите слободата за искажување такви ставови. Оние кои ќе останат верни на духовното единство на нашата Црква, на нејзината спасителна мисија за целото пространство на Света Русија (Русија), ќе останат на светлата страна на историјата и на крајот ќе победат.“

Тој модел, кој е разработуван и пред Кирил да стане Патријарх и во кој се вложени многу влијанија и финансии, во суштина ја крие и идеологијата за тоа како во иднина треба да се подразбира една нова автокефална црква.

ПОЛИТИЧКИ И ЦРКОВНИ ГРАНИЦИ

Но, руската црква не е единствената која го форсира и која го креира овој модел. На иста линија, со ист концепт е и Српската православна црква. Тоа се практично двете цркви, кои и покрај тоа што се распаднаа државите на чиј простор тие ја имаа јурисдикцијата, денес сметаат дека нивната власт се протега и во политичките граници на други држави, особено со доминантно православно население.

Темелот на кој почива таа империјалистичка идеологија е верувањето дека политичките граници се менливи, а црковните вечни. Или како што пред повеќе од десетина години еден српски архијереј тоа го објаснуваше со неговата констатација: „Кој може да гарантира дека Украина по 100 години ќе биде независна држава“. Еве десетина години подоцна, руската државна и црковна политика, впрегнати како два вола на орање, се обидуваат тие 100 години да ги скратат колку што можат побргу.

Руската православна црква ја смета Украина за своја црковна територија и од таа позиција нема намера никогаш да отстапи, без разлика што во Украина во моментов огромното мнозинство православни не ја сакаат РПЦ и сакаат своја автокефална црква. Неуспехот со војна и крв да се врати црковната власт на тие територии, единствено што може да резултира е модификација на моделот. Што тоа подразбира?

Паралелно, додека во Украина се моделира црковната власт, која има за цел да го зачува јурисдикциското владеење, треба да биде јасно дека тој модел веќе е експериментално имплантиран на јурисдикциската територија на СПЦ.

МОДЕЛ СО СВОЈА ПРЕДИСТОРИЈА

Во јануари 1992 година (години кога беше видлив распадот на СФРЈ) СПЦ одржа вонреден архијерејски Собор. Главна тема на соборот одржан на 16 и 17 јануари беа токму државните граници на југословенските простори. Во тогашното официјалното соопштение на Соборот заклучокот е дека СПЦ не ги признава границите на југословенските републики.

– Српскиот народ веќе половина век е политички раздробен и поделен со неприродни граници кои го расекуваат неговиот жив организам. Нив ги испланира комунистичката интернационала, ги оствари неофашистичката и усташка окупација, а ги утврди и продолжи – спротивно на волјата на српскиот народ, Титовата комунистичка диктатура преку изразито антисрпскиот АВНОЈ, затоа ни СПЦ, ниту српскиот народ никогаш не ги признале вештачки и нелегитимните авнојски внатрешни граници, стои во тогашното соопштение од Соборот на СПЦ.

Зошто СПЦ имаше потреба од овој вонреден Собор?

Српската црква својот легитимитет на јурисдикцијата на поранешната држава Југославија го црпи од Томосот издаден од Вселенската патријаршија, потпишан од Патријархот Милетиј во 1922 година, токму поради новите политички околности и создавањето на новите тогашни политички граници на единствениот политички субјект, Кралството СХС, кое подоцна го менува името, но генерално ги задржува своите политички граници се до распадот на СФРЈ. Српската црква тие деведесетти години се обидува само да ја задржи својата духовна власт врз териториите кои според нејзе и припаѓаат токму поради Томосот на Вселенската патријаршија, иако е свесна дека нема реална власт барем во границите на Македонија, која веќе ја оформува и својата политичка сувереност. Тогашниот концепт на размислување е дека Македонија можеби и нема да успее во своите државотворни намери, иако истовремено српските владици се обидуваат да воспостават дијалог со МПЦ, организирајќи и интензивирајќи ги средбите, особено што се свесни дека менувањето на политичките граници на државата, го менува и контекстот на православното редефинирање на односите.

СПЦ почнува да ја губи контролата во Црна Гора, кога веќе се инсталира Црногорската православна црква.

Паралелно Грузија добива Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија (25 јануари 1990).

Албанија ја возобновува автокефална црква со поддршка на Вселенската патријаршија токму во тие години (јуни 1992).

Но, црковен Белград користејќи ги тогаш грчките врски, особено по веќе јасниот проблем кој настанува меѓу Грција и Македонија за името на државата, успева својата наметната шизма врз МПЦ-ОА да ја верификува пред останатите православни цркви, како етнофилетистички ерес и се тоа така до моментот кога Фанар, по затворањето на македонско-грчкиот спор, не го повлече потегот за решавање на црковното прашање во Македонија.

ЗОШТО ОВАА ИСТОРИЈА ОД БАЛКАНОТ Е ВАЖНА И ЗА РУСИЈА?

Иако навидум споровите се различни, сепак контекстот на случувањата е идентичен. Распадот на СССР повлече, не само менување на политичките граници, туку и желба за редефинирање на црковните јурисдикции. Онаму каде што Црковна Москва успеа да го наметне своето влијание создаде свои сателит цркви, но историското ривалство Киев-Москва ја создаде новата црковна ерархија, која исто како и МПЦ-ОА (иако 25 години претходно) ја исцрта потребата од сопствена црква, независна од влијанијата на Белград овде и на Москва таму. Идентично како и СПЦ и Руската црква успеваше да ја држи во шизма Киевската патријаршија долги години и така да ја одржува својата фиктивна власт во Украина преку својата сателит црква УПЦ-МП. За разлика од Украина, каде овој модел на двовластие беше генерално успешен, истиот модел во Македонија, имплементиран преку ПОА не профункционира.

Но, контекстот се менуваше како што одминуваа годините, а особено што политичките власти на Македонија и Украина црковното прашање го подигнаа на исклучително важно национално идентитетско прашање. Неможноста вечно да се држи во заробеништво едно прашање кое е видливо и живо, и кое со годините се развива и опстојува, македонското и украинското црковно прашање станаа видлив и сè почесто апострофиран проблем на пошироката „православна маса“, што пак не можеше да го издржи на уште долг рок српскиот или рускиот прекрив на вистината.

КООРДИНИРАНИ ВО ПОСТАПКИТЕ

Заедничко и за Црковен Белград и за Црковна Москва е тоа што и двете цркви последните пет години се соочија со реалната опасност да ја изгубат својата јурисдикциска власт на делови од територијата што веќе станаа независни држави, со променети политички граници, особено откако Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја презеде иницијативата за решавање на овој децениски проблем. Иако малкумина сериозно веруваа дека е можен поголем црковен земјотрес, денешната фактичка состојба е дека Вселенската патријаршија прогласи и призна автокефалност во Украина, и ја врати во канонско единство црквата во Македонија.

Овој расплет на настаните бараше нов концепт на Белград и Москва, особено откако се покажа како исклучително лош и непродуктивен моделот на отпор и заложништво, што го наметнуваа како своја вистина пред останатите православни цркви.

Тој нов концепт повторно се врти околу суштината, како да се зачува јурисдикцијата врз „своите“ територии. Вечните црковни граници не можат да се менуваат, но можат да се уредуваат.

За МПЦ-ОА и за Киевската патријаршија најважно беше да се дојде до автокефалност. Иако таа автокефалност е автокефалност само ако е изворно и канонски полноприфатена од останатите помесни православни цркви и доаѓа по редот на воспоставените историски практики преку Томос за автокефалност од Константинопол, сепак руската и српската црква вложуваа огромни напори за редефинирање на концептот автокефална црква, токму поради контекстот дека идните нови автокефални цркви се на „штета“ на нивните јурисдикции, а причината секако е промената на политичките граници.

Да, распадот на Чешкословачка со џентлменски договор не ја редефинира црковната структура, меѓу другото и поради тоа што процентот на православни во Чешка е исклучително мал, наспроти мнозинството верници на оваа црква кои се  Словаци, но тоа не беше случај во СФРЈ и во СССР. Но, треба да се знае дека Црквата на Чешка и на Словачка е полноавтокефална од 1998 година, откако Фанар издава Томос.

ЗОШТО МПЦ-ОА Е ЕКСПЕРИМЕНТОТ?

Одговорот на ова прашање лежи во нелогичниот, неразбирливиот и едноставно нереалниот потег на СПЦ да во еден месец одлучи комплетно да ја промени својата историска позиција и од став дека се согласува на „најширока можна автономија“, премине на став дека „прифаќа и обзнанува автокефалија“ во Македонија. И се тоа во предвечерието на големата одлука од 9 мај 2022 година на Фанар за враќање на МПЦ-ОА, како Охридска Архиепископија во канонско единство по 55 години изолација, токму поради СПЦ. Еден српски владика тоа подоцна го објаснуваше со ставот дека морале да дејствуваат, бидејќи им било јасно дека Вартоломеј ќе го направи истото како во Украина, а нивна цел била да го зачуваат имотот наследство на Немањиќи во Македонија, во што успеале.

Знае ли јавноста што МПЦ-ОА и СПЦ договориле пред Соборот на СПЦ во мај 2022 година? Го има ли јавноста на увид документот како е договорена „автокефалноста“ на МПЦ-ОА со Томос од СПЦ?

Не! Јавноста ги нема овие писма, затоа што тие денес се чуваат како најстрога тајна, според некои информации и дури државно класифицирани како „строго доверливо“. Дали е тоа така, еден ден ќе стане јасно, откако прашината ќе биде отстранета од архивите.

Но клучното прашање е дали МПЦ-ОА се согласила дека СПЦ ја има јурисдикцијата на територијата на поранешната СФРЈ?

Две години подоцна реалноста на теренот покажува дека МПЦ-ОА веројатно дала таква согласност. Се споменува и писмо, за кое јавноста секако не знае. Но, случувањата со осветувањето на Црквата на МПЦ-ОА во Загреб, каде изненадно за јавноста се појави Порфириј и уште еден српски владика, кој е исклучително негативна личност за хрватската држава, предизвика сериозен политички скандал на релација Скопје-Загреб, за кој јавноста малку знае. Наводната добронамерност и „братска љубов“ што беше продавана како причина за учеството на СПЦ на осветувањето на таа црква, која патем е градена и поддржана од хрватските власти и граѓани, е многу подлабока и попроблематична.

Јавноста треба да знае дека Порфириј во Загреб не оди за да им се допадне на Македонците, туку оди за да го верификува договорот МПЦ-ОА со СПЦ, дека јурисдикцијата таму е на СПЦ. Религија.мк има пишувано што и како е договарано, иако за волја на вистината надлежниот архијереј на МПЦ-ОА тоа не го почитува. Можеби затоа веќе добил епитет „бахатиот владика“ од СПЦ, но реалноста е дека од тогаш до денес сè уште не ја посетил оваа црковна општина на МПЦ-ОА. Дали причината е што за такво нешто мора да побара дозвола од СПЦ, или пак друга, ќе покаже времето.

Второто прашање е дали МПЦ-ОА смета дека црквите и манастирите градени во времето на Немањиќи се духовно наследство на СПЦ, како што тоа е запишано во Томосот од СПЦ?

Одговорот на тоа прашање е многу важен, затоа што едно е да се знаат историските податоци за секоја црква (кој ја градел, како ја градел, во чија власт било тоа), односно да се признае дека тие цркви се градени од српските владари, а сосема друго е правно да му се признае легитимитет на црковно-правен субјект кој тогаш не постои и кој иако се повикува на свој континуитет, сепак нема никаква врска со правото да полага власт врз тие цркви, бидејќи тие цркви биле градени за Охридската Архиепископија, а не за Светосавската Архиепископија, а потоа Патријаршија.

Признавањето на правото на наследство на СПЦ на тие цркви, само затоа што ги граделе српски владари, е идентично како да признаете дека сите цркви во Македонија градени во време на егзархијата денес се сопственост на Бугарската црква, а оние градени од византиските императори, дека се сопственост на Цариградската патријаршија.

Одговорите на овие две прашања се важни за да може да се препознае што всушност значи „Автокефалноста“ доделена со Томос од СПЦ.

Искуството на МПЦ-ОА во овие две години покажа дека недозавршениот процес за автокефалност пред Вселенската патријаршија, нешто што зад сцената го заговараат и Белград и Москва, со цел легитимитетот на таквата автокефалност да извира само од Томос издаден од нив, во пракса МПЦ-ОА ја претвора како само една автономна црква во границите на СПЦ, без разлика што таа Де факто има своја автокефалност на хартија.

Последниот скандал со најавената, па откажана посета на Архиепископот на Софија е само пример за тоа како во пракса изгледа автокефалноста. Каде во овие две години Архиепископот Стефан бил примен, пречекан како поглавар на автокефална црква, освен во Белград?

Еве и да се случи негово патување во Софија, втор проблем е како тој таму ќе биде титулиран. Како што пишува во Томосот на СПЦ, или како што одлучи БПЦ? Како на пример ќе биде титулиран ако еден ден патува во Романија на официјална посета како поглавар на автокефална црква? Има тука уште многу други нејаснотии што произлегуваат од овој експериментален модел на нова автокефалност. Едно од тие прашања е решавањето на можни конфликти меѓу МПЦ-ОА и СПЦ, идни недоразбирања. Во православниот свет функционира правото на еклитон пред Вселенската патријаршија, а во нашиот случај каде ќе биде еклитонот? Во Москва?

„БЕЗУСЛОВНАТА“ АВТОКЕФАЛИЈА

Црковен Белград, а веројатно по инструкции на Црковна Москва, го експериментира моделот наречен „Де факто Автокефалност“, а „Де јуре црква во јурисдикциските граници на друга црква“. Значи ако желбата е да се има автокефална црква, може и тоа прашање да биде затворено на тој начин што СПЦ во своите јурисдикциски граници, Руската црква во своите, или пак која било друга црква во своите граници, административното уредување на својата црква ќе го дефинира како таа смета дека е најполезно.

Во конкретниот случај МПЦ-ОА има сè што може да има една автокефална црква, освен најважното – територија, јурисдикциски граници. И секако еден мал дел непознат за јавноста, што смее, а што мора да координира со СПЦ за големите прашања. Утре тој модел ќе биде пресликан во Украина, каде веќе УПЦ-МП тргна во негова реализација, самопрогласувајќи автокефалност, која досега не ја осуди Руската црква.

По овој принцип на федеративно управување на црквите, утре е сосема можна и автокефална Црногорска црква, а дури и автокефална црква на Косово, како што тоа може да биде случај и во Молдавија и во Белорусија. Интересно, но две години по прогласувањето на автокефалност во Македонија, СПЦ на Соборот оваа година одлучи да ги издигне на ниво на архиепископии сите епархии кои се надвор од политичките граници на државата Србија. Сега во СПЦ има повеќе архиепископи од митрополити.

Но нешто многу важно за МПЦ-ОА е тоа што меѓу нив сè уште е и архиепископот Охридски. И по две години СПЦ не најде за потребно да ги избрише од својот Устав епархиите во Македонија како своја јурсдикција. Зошто, никој не објаснува? МПЦ-ОА секако ова прашање не смее да го подигне. Па логично се поставува прашањето, како МПЦ-ОА е автокефална црква, а епархиите со кои управува се дел од Устав на друга црква?

ШТО Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ ОВОЈ ЕКСПЕРИМЕНТАЛЕН МОДЕЛ И ИСТОРИСКИТЕ ПРАКТИКИ ЗА СОЗДАВАЊЕ НА АВТОКЕФАЛНИ ЦРКВИ?

Суштината е токму во правото врз јурисдикција на територија. Замислете на пример Вселенската патријаршија да го практикуваше овој модел, како денес ќе изгледаше православната црква? Бидејќи десет од 14-те автокефални цркви се направени токму на некогашна јурисдикција на Константинопол и за сите нив Вселенската патријаршија се има откажано од јурисдикција, а новонастанатите цркви прифатени во единство со останатите. (исклучок се само дел од епархиите во Грчката црква, територијата на Македонија)

Новиот модел пак, што го заговараат Москва и Белград на долг рок практично нема никаква иднина, бидејќи православните цркви нема да постигнат согласност за легитимирање на каква било автокефалност, без таа да биде томосирана од Фанар, нешто што пак сега е главната причина зошто Москва не би се согласила. А за да се постигне општо прифатливоп правило е потреба согласност од сите. Но, тоа на Руската црква и на СПЦ им одговара проблемот да не биде решен. И токму затоа иднината на МПЦ-ОА практично е врзана во границите на СПЦ, ако таа остане на Томосот од СПЦ.

Точно е дека и автокефалноста на Украина, потврдена со Томос од Фанар засега не е целосно легитимирана, но развојот на настаните таму, особено последниот период, отвораат други хоризонти. Таму сега проблемот за целосна нејзина легитимност од најголемиот дел православни цркви лежи во двојната црковна ерархија. Ако е искрена намерата на УПЦ-МП за раскинување на односите со Москва, тогаш целосното затворање на ова прашање е многу полесно, а тоа би довело до ситуација во која освен Руската и Српската, автокефалноста на Украина не би ја признала само уште МПЦ-ОА.

Во Македонија нема двојна ерархија, тоа прашање е затворено со враќањето на ПОА во МПЦ-ОА. Со МПЦ-ОА теоретски немаат проблем за сослужување ниту една од помесните православни цркви, но само 4 ја препознаваат како автокефална. Ако МПЦ-ОА излезе од рамката поставена од Москва и Белград и го продолжи процесот пред Цариград, сите останати цркви ќе ја препознаат како автокефална, а токму Томосот, во кој се дефинира јурисдикциската граница, ја ослободува МПЦ-ОА, во случајот Охридската Архиепископија од заложништвото на СПЦ.

И во таков момент ќе биде интересно да се види реакцијата и позицијата на СПЦ, а и на Руската црква.

Пишува: Марјан Николовски

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Потпретседателот на САД Венс во Ерусалимската Патријаршија – ја посети црквата на Христовиот гроб

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски, г.г. Теофил, заедно со поглаварите на црквите на заедниците со статус на светилишта, Кустодот...

Петар: Љубовта и врските меѓу Русија и Македонија постоеле од најрано време и ќе постојат во иднина (ВИДЕО)

Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, кој заедно со епископот Никола беа во подолга посета на Руската православна црква, во една...

Ортодокс Тајмс: руски архимандрит кој е „persona non grata“ во Софија и Скопје присуствуваше кај Архиепископот на Синај

Влијателниот интернет портал за р6елигиски прашања во Грција, Ортодокс Тајмс објави вест за приемот кај новиот архиепископ на...

Што точно значи симболиката на „гредата во окото“?

Симболиката на „гредата во окото“ е највпечатливиот и најдобриот опис на демоноопседнатост што може да се најде во...