Патријархот на Ерусалим, Теофил, заедно со други поглавари на христијанските цркви во Светата земја, упатилеапел до израелските власти да издадат дозволи за деца од Појасот Газа, заболени од леукемија, за да можат да се лекуваат во болницата „Аугуста Викторија“ на Маслиновата Гора.
Во заедничкото соопштение се наведува дека болницата е целосно подготвена да обезбеди транспорт, грижа и специјализиран третман за младите пациенти. По завршувањето на терапијата, децата би биле вратени во своите домови во Газа.
Црковните лидери истакнуваат дека во Газа не постојат услови за неопходниот онколошки третман, а нагласуваат и дека сите трошоци за лекувањето би биле целосно покриени од самата болница, без никаков финансиски товар за државата.
Апелот е упатен од исклучиво хуманитарни причини, со нагласување дека времето е клучен фактор кај лекувањето на леукемијата и дека секое одложување може сериозно да ги намали шансите за успешно закрепнување.
Болницата „Аугуста Викторија“ располага со соодветни капацитети и медицинска експертиза за третман на детски малигни заболувања и, според црковните претставници, може веднаш да ги прими пациентите доколку се одобрат потребните дозволи.
