Со кое Православие ќе се обединат католиците?

Date:

Share post:

Православието денес е во многу незавидна состојба. Националните интереси „проголтаа“ цели цркви. Прашањата кои нè болат не само што не можеме да ги решиме — повеќе не признаваме и дека постојат, а внатрешниот „раскол“ се вкоренува сѐ повеќе со секој изминат ден, при што Москва „сече“, а другите Цркви одбиваат да „зашијат“. Освен, се разбира, оние што помагаат да сече подлабоко.

И сега, кога историјата е напишана, Папата се врати дома и ние се вративме на своето секојдневие, мислам дека е време да се пружи „мала помош“ на реалноста што секој од нас, од свои причини, не сака да ја види или се преправа дека не гледа.

Јас припаѓам на оние кои веруваат во дијалогот, во потребата од неговото постоење дури и кога паѓаат бомби. Особено дијалогот меѓу христијаните, го сметам не само за неопходен, туку и за императив за оние на одговорни позиции.

Но, како и сè во животот, мислам дека мора да има приоритети во дијалогот. На пример, новите проблеми не можат да се покриваат под тепих, бидејќи веќе има некои постари и доста сериозни.

Ако, на пример, пациент со рак кој е на долготраен третман ја скрши ногата, тој нема да каже „дозволете ми прво да го лекувам ракот, а потоа ќе се справам со ногата“. Секако, ако ставите рак и фрактура на вага, страната со фрактурата дури и нема да ја помрдне иглата во однос на ракот. Но, ако ја оставите, продолжувајќи да се посветувате на посериозното, покрај тоа што ќе бидете куци, едно утро може да се разбудите со ракот оставен во втор план, затоа што можеби се откачил тромб поради скршеницата.

Во нашиот случај, „ракот“ е расколот меѓу Западот и Истокот, со кој, за среќа, некои просветлени свештеници и теолози од двете страни решија да се соочат. Оние кои работат на ова прашање се можеби најмечтателните луѓе на светот затоа што „планината“ што решија да ја срушат за да можеме повторно да се видиме е огромна. И тоа се луѓе со длабока вера. Знаете ли зошто? Затоа што она што логиката не може да го направи, која во нашиот случај смета дека потфатот е, благо речено, невозможен, може да се направи само со вера, која може да помести планини, како што самиот Христос еднаш им кажа на Своите ученици.

„Скршената нога“, од друга страна, е внатрешната состојба во православниот свет. Помесните Цркви кои во последниве години научија да живеат сами без да чувствуваат потреба за евхаристиска заедница, и христијаните кои научија да ја практикуваат религијата „како бездомници“, усвојувајќи сè што ќе се напише или каже, и клирот од сите степени, од кој голем дел, наместо да водат луѓе, се прогласуваат за „изгубени некаде на непозната локација“.

И да не генерализирам, дозволете ми да разјаснам.

Прво поглавје: Календарот

Православните денес не го слават Божиќ на ист ден. За среќа, секако, постојат и старокалендарци на кои Црквите им ги припишале сите проблеми од промената или корекцијата на календарот, па затоа мирно спиеме. Но, кажете ми, ако се разбудиме утре наутро и старокалендарците ги нема, дали сè ќе биде во ред? Дали е во ред што половина од Православието го слави Божиќ со 13 дена разлика од другата половина?

Зошто Православната Црква не успеа да се справи со ова прашање веќе 100 години? Зошто дури и не се осврна на него? „Денес горните и долните заедно празнуваат“, пеат нашите свештеници пред осветените води секој 6 јануари, а во Москва, Белград, Ерусалим, Тбилиси, Киев… тогаш ги пеат божиќните каланди.

Ако не ни пречи тоа што го славиме Божик одделно, тогаш зошто се „палиме“ за заедничка Пасха?

Второ поглавје: Црковни јурисдикции

Десет века поминаа од расколот во христијанството, па дури и Црквите што постоеле пред него, заедно со оние што се „родија“ по него, не успеале да стават мапа на масата и да кажат „јас сум од тука до тука, ти од таму до таму, итн.“ Пет митрополити во Париз, седум митрополити во Рим, исто толку јурисдикции во САД.

Ние сме во 21. век и православните Цркви функционираат како првите доселеници во Америка кои трчале со знаме во рака за да пред сите го забодат во земјата што ја сакале и стоеле со двоцевка под рака за никој да не им ја ‘нагази’.

Велат дека Етнофилеизмот е осуден… во кој универзум?

Трето поглавје: Рим и… неговото место во редоследот

Ова можеби е и „мајка на проблемите“ бидејќи откако Рим почнал да се „репродуцира“, започнале проблемите на христијанството. Кога Цариград станал Новиот Рим или втор Рим, оригиналниот се почувствувал засегнат. Потоа Москва, која помина низ искуството на опасна прегратка со државната власт, но не научи ништо од тоа, реши да биде ‘Трет Рим’. Нашиве велат дека не постои трет, затоа што не постои втор – туку постои нов. А ако Русите решат да го именуваат својот како ‘Понов Рим’ наместо Трет, ќе биде ли тогаш сè во ред?

Значи, Москва, седиштето на „Света Рус“, нешто налик на „Светото Римско Царство“, каде и да забележи дека нешто добро се случува во православниот свет – го уништува до темел, едноставно затоа што не ѝ одговара. Да направиме исчекор во однос на католиците? Не! Не ми се допаѓа моделот на обединување. Дали ќе ги надминеме перцепциите што ги држат умовите на луѓето затворени? Не! Ако ги отворат своите умови, како ќе ги контролираме? Дали ќе разговараме за прашања што го засегаат современиот свет? Не! Ако не кажам јас како да биде, не важи.

Многу пати мислиме дека целата проблематика поврзана со Москва има врска со административниот дел на Православната црква, но повеќето од вас не можат ни да замислат колку овој конфликт што трае прави да стагнираме на сите полиња. Тоа ви е како да е откриена електричната енергија, а семоќниот сопственик на фабриката за свеќи води кампања против неа.

Четврто поглавје: Колку „православија“ постојат?

Навистина ни се допадна фразата на Вселенскиот патријарх за време на пандемијата „не е верата во опасност, туку верниците“ и сите се фокусиравме на значењето што го носеа тие денови. Но, сега, кога пандемијата помина, да погледнеме на работите малку потрезвено.

Во 21 век. со целото знаење на дофат на раката, со технолошките откритија што нè испратија на Марс, колку е логично Вселенскиот патријарх да треба да се појавува јавно за да им порача на луѓето дека треба да си ги земаат лекарствата? Разбирливо да треба да го каже тоа патријарх од 17. век, 18. век, дури и од 19. век, но во 21.век?

Седиме и дискутираме со католиците од кого произлегува Светиот Дух (и добро е што дискутираме), а овде, меѓу нас, не можеме да се договориме дали Светиот Дух ги „стерилизира“ храмовите.

Што се однесува до Светата Причест? Малку недостасуваше уште да ги земеме лажиците и копјата од проскомидијата и да почнеме „борба“ (во смисла Стигнавме дотаму што замалку ќе почневме апсурдни расправии околу лажиците за причест).

Значи, колку и да е тешко и ризично, треба да ги погледнеме богословските разлики во рамки на самото Православие? Дали Православието, во крајна линија, не е едно, туку се повеќе?

Петто поглавје: Ние и католиците

За крај, всушност, го оставив поглавјето што ми даде повод за овој текст – обидот за зближување со Рим. Мислам дека многумина ќе се согласат со мене дека во моментот кога богословскиот дијалог и историските иницијативи на Претстојателите затвораат делови од јазот меѓу Истокот и Западот, истовремено се отвораат нови пукнатини во рамките на Истокот.

Од причини што не ми се познати, комуникацијата се фокусира исклучиво на врвот, додека базата целосно се игнорира. Барем во Грција, во нешто помалку од 30 години колку што ги следам црковните прашања, не сум бил сведок на ниту една седница на Светиот синод посветена на тема дијалог. Не сум видел ниту еднo официјалнo соопштение до луѓето. Нешто каде што би се рекло: „Христијани, во овие 20-30-40-50 години колку што разговараме со нашите браќа римокатолици, презедовме вакви и вакви чекори“ – нешто што барем би објаснило што се случува.

Сосема ја опишува состојбата забелешката на Митрополитот Нефпактски Јеротеј, кој во напис за Orthodoxia In Forum вели:„Овој богословски дијалог започна кога бев млад клирик и продолжи до денес – веќе сум 54 години во свештенството и 30 години како митрополит – а ниеден од текстовите поврзани со дијалогот не се разговарал на Синодот.“

Тие од другата страна, пак, односно оние кои не сакаат, кои се плашат, или од разни логички или сосема ирационални причини се спротивставуваат на каква било комуникација со „другите“, сиве овие години истураат тони мастило, трошат милијарди килобајти на интернет и посветуваат бесконечни часови говори за да го кажат своето.

И да бидеме реални дека мнозина од нив никогаш нема да го сменат своето мислење. Но, дали сме сосема сигурни дека во оваа голема толпа луѓе што се зголемува секој ден, нема такви кои, доколку имаат соодветни информации, не би разбрале што точно се случува? Како (црковното) раководството очекува народот, и тие со расо и лаиците, да ја разберат оваа ситуацијата, кога самото не вложува ни малку напор да каже неколку зборови?

Да, да се разбереме, да се обединиме и да ги надминеме сите наши проблеми со другите христијани – илјада пати да. Но, по која цена?

Една сурова вистина

Православието денес е во многу незавидна состојба. Националните интереси „проголтаа“ цели цркви. Прашањата кои нè болат не само што не можеме да ги решиме — повеќе не признаваме и дека постојат,  а внатрешниот „раскол“ се вкоренува сѐ повеќе со секој изминат ден, при што Москва „сече“, а другите Цркви одбиваат да „зашијат“. Освен, се разбира, оние што помагаат да сече подлабоко.

Кога легатот на Папата во 1054 ги положи римските анатеми на Светата Трпеза во „Света Софија“, на Истокотникој не зборуваше за раскол. Им требаа повеќе од 200 години за да сфатат и да прифатат што навистина се случило.

Изминатиот октомври се навршија седум години од прекинатата евхаристиска заедница меѓу Москва и Цариград. И сè уште не кажавме ниту една формулација за тоа како да се надмине овој раскол. Се навикнуваме да живееме со оваа реалност. Дури не го ни нарекуваме раскол. Сепак, како ќе го наречеме ние или идните историчари, има сè помала важност.

Ако утре наутро Папата ги собере сите кардинали и епископи во „Свети Петар“, свика Трет Ватикански собор, и објави дека Рим се откажува од сите промени и погрешни учења и е подготвен за единство — со кое Православие точно ќе се соедини?

Оправдани и вредни се сите напори за приближување со Римокатолиците, и тие не смеат да се напуштат. Но,сега мора да се погледнеме себеси. Православието премногу долго оди со „скршена нога“, обидувајќи се да се справи со „карциномот“ — но не може да чекори напред ако најпрво не најде начин да застане цврсто на двете свои нозе.

Андреј Лударос

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img