Во месец мај и јуни 2022 година, требаше да се заокружи делумно одложуваната од 2019 година евро-атлантската интеграција на Северна Македонија, како нејзин стратешки и егзистенцијален темел и приоритет. До тогаш веќе бевме членка на НАТО, како резултат на Преспанскиот договор (Времената спогодба од 1995 година) и исполнувањето на главната задача на Грција – ратификацијата во нивниот парламент на нашето членство во НАТО.
Во таа 2022 година, најпрво Вселенската патријаршија ја врати МПЦ-ОА во канонско единство “оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот, кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт”; со кристално јасна напомена дека “се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“.
Сакрален почеток, за световен продолжеток, преговарачката рамка усвоена еден месец подоцна од страна на ЕУ и првично од страна на Парламентот на Бугарија, а потоа и прифатена од страна на нашиот парламент и нашата влада. Иако, антибугарската хистерија веќе беше развивана со медиумско-квази идентитетски инжињеринг, до степен на заладување на односите, суптилно пара историски од 2019 година, а жестоко партократско-клановски латентно сезоната 2020/2021 година, 2022 година, требаше да биде конечната разрешница на очигледната блокада на ЕУ патот, хранета и надградувана, на различни нивоа, со крајна цел: задржување на истата статус-кво ситуација.
До ден денес, типично за секоја лажна грижа и класична пропагандна манипулација, никој не кажа како и кој идентитет е загрозен, а најмалку пак кажа кој идентитет се брани, од кого и за кого. Македонскиот сигурно не, иако реторички неговото именување е правопропорционално со неговата злоупотреба.
Но, да се вратиме на сакралното, кое постојано тлее “под радарот” на константно наметнуваните теми по потреба. Срамежливо отворено како тема деновиве, во “дрзок и измамнички манир”. Зошто? Па затоа што враќањето во канонско единство, кое патем речено беспоговорно беше прифатено од нашата црква и после “повторените повици на државата на Северна Македонија” беше со издаден патријаршиски синодален акт, за црква која е признаена како Охридска со јасна јурисдикција само на територијата на Северна Македонија, со признат историски континиутет. И притоа со отворен пат за уредување на управните прашања со црквата на Србија, “во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание”. Јасно, зарем не?
Како од сето ова, МПЦ-ОА која патем речено е дел од правниот поредок на Северна Македонија, го прифати канонското единство како црква на Северна Македонија и наместо според преданието да ги реши управните прашања со црквата на Србија, успеа да ја доведе МПЦ во “автономна положба” во односн на СПЦ, со лажен и невалиден томос за непостоечка афтокефалност за “домашна употреба”; а државата во подредена и срамна положба?
Секоја сличност со световните прашања се намерни. Се чини дека шокот од месец мај, се прелеа на месец јуни, таа 2022 година, преку протестите против прогресот на државата во ЕУ каде постепено почна да се враќа во игра “антигрчкото” расположение. Шокот од можноста во краток рок конечно да се реши сакралното (црковното) прашање, каде што преку томосот издаден од страна на Вселенската патријаршија, не само што конечно ќе се потврдеше автокефалноста на црквата (оспорувана од СПЦ), туку ќе се потврдеше и историскиот континуитет со древната Охридска Архиепискија, односно историјата и идентитетот.
Зошто, тогаш, а и до ден денес, не се охрабри, поддржа и поттикна добивањето на томосот, во силната “идентитетска” битка која се водеше против преговарчаката рамка? Па, нели идентитетот беше загрозен, чуму тогаш во тие пролетно/летни месеци немаше еуфорија за признавањето на идентитетот од страна на Вселенската патријаршија?
Се разбира дека радост немаше, ниту по сакралното, ниту по световното. И се разбира дека по принципот “ќе земам што ми одговара, а ќе игнорирам се’ друго” се блокира паралелно и координирано и “црковното и државното”. Посакуваат да личи на “византиски мудро”, а всушност е “поданичко-измамнички”. Затоа што испразно-реторички тормозениот “идентитет” може да се негува само во организирана, функционална и европска држава. Таква како што може да биде само Северна Македонија, членка на НАТО и членка на ЕУ. И ако тие се гаранти на нашата безбедност, функционалност, владеење на правото и организираниот систем; логично се гаранти и нашиот индивидуалени колективен етнички и било каков друг идентитет.
Ама, тоа ќе беше битно, доколку некој навистина “се грижеше” за идентиетот, кој од барање од толку “гаранции за него” е сведен на еден голем сомнеж. Тоа ли е целта, преку наметнатиот сомнеж, да се стигне до “гарантот”, по црковниот пример на толкување на “црковното предание”. Па, добиваме световно предание за тоа што смее, а што никако не смее да биде идентитетот. Или иднината беше?
Две години подоцна, “сакралното мамење” се јави. Рака под рака со “световното мамење”. Во манирот на флагрантна неодговорност на непочитување на меѓународното право, меѓународните договори, домашното право и домашните договори. Непочитување на самите себе си, на сопствената институционалност и уставна поставеност. Компромитирани во политичката незрелост, сакрално горди и световно понизни. Или беше обратно? Сеедно, ваквата “гордост” е секогаш понизна.
Пишува: Никица Корубин (фејсбук статус)