Руската задгранична православна црква (РПЦЗ), долго претставувана како „неполитичка и духовна“ структура, изминатите месеци се нашла под силно внимание поради загрижувачки сигнали дека сè почесто се користи како инструмент за прокремљовска пропаганда и влијание врз политички процеси. Последниот пример е акцијата што треба да се одржи на 16 декември 2025 година на Капитол Хил – „Legislative Day of Action“, настан промовиран како иницијатива за одбрана на „религиозната слобода“, но чијашто суштинска насока, според аналитичари, е антиукраинска.
Настанот е организиран од „Општината на свети Јован Шангајски“ и на Младинскиот републикански клуб во Њујорк. Иако јавно се претставува како поддршка за „прогонетите православни верници“, кампањата е насочена против украинската влада и украинската нација. Меѓу главните учесници е Кетрин Вајтфорд, ќерка на свештеникот Џон Вајтфорд — познат по својата отворена поддршка за Путин и критиката кон Украина — и сопруга на Бенџамин Диксон, уредник на американското издание на „Списание на православните новинари“ (СПЖ), медиум кој се наоѓа на листата на санкции поради ширењето проруска пропаганда.
Организаторите нудат целосно финансирање на патувањето и хотелскиот престој за сите што сакаат да се приклучат во акцијата за „одбрана на Украинската православна црква (УПЦ)“, a дури се покриваат и трошоци за гориво. Пропагандната реторика на повикот е насочена да создаде впечаток дека се работи за широк „православен фронт“ во Вашингтон, наводно загрижен за религиозната слобода.
Малку пред овој настан, Руската православна црква веќе одржа средба преку свои свештеници во Капитол Хил, претставена како „меѓурелигиска конференција“. Вселенската патријаршија остро реагираше, истакнувајќи дека е „огорчена и разочарана“ што „руски духовници кои ја поддржуваат неправедната и неморална војна на Путин против Украина се среќаваат со претставници на Белата куќа и Конгресот“. Повеќе аналитичари предупредуваат дека ваквите настани служат за обликување политички наративи, а не за религиозен дијалог, што буди сериозни сомнежи за надворешно влијание.
Кампањата ќе започне на 15 декември со брифинг и прием, на кои присутните ќе слушаат сведоштва од украински духовници и активисти, а веќе следниот ден групата ќе се упати во Конгресот на средби со членови на Претставничкиот дом и Сенатот. Најавени се експерти за канонско право и човекови права, што треба да даде дополнителна „институционална тежина“ на иницијативата.
Ваквите активности на РПЦЗ, насочени кон американските политички институции, не се новост. Во контекст на руската војна против Украина, таквите иницијативи се оценуваат како обид да се создаде легитимитет за агресијата и да се поткопа меѓународната поддршка за Киев. Американски конгресмени веќе изразија загриженост дека РПЦЗ и сродни православни јурисдикции може да функционираат како „посредници“ за странско влијание, под маска на религиозни активности.
Во многу европски земји, пак, документрирани се бројни случаи каде религиозни структури поврзани со Москва служат како канали за „мека моќ“, пропаганда и политичко влијание. Фактот што за помалку од еден месец се организираат две координирани кампањи на Капитол Хил покажува дека Кремљ сè повеќе се потпира на Црквата како последен преостанат механизам за вршење политички притисок на Запад.
