Произнесување на Бигорскиот манастир за искажаните обвинувања од страна на владиката Петар

Date:

Share post:

Почитувани медиуми, верници и општествено одговорни граѓани,

Со оглед на тоа што до нашето монашко братство стасуваат бројни пораки на растревожени верници и граѓани коишто се огорчени од вчерашниот телевизиски настап на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, се наоѓаме повикани да излеземе со јавно видување на од него искажаните клевети, навреди, невистини и небулози. Едноставно, и за себе и за јавноста треба да кажеме дека г. Петар говори невистина. Ние не сме во личен конфликт со никого, но го задржуваме правото кога сме неосновано нападнати, поради очигледна индиспонираност, да реагираме.

Имено, на 2 мај 2023 година, во емисијата „Аргумент плус“ на националниот телевизиски канал „ТВ 24“, Митрополитот јавно изнесе тешки и сериозни клевети и обвинувања кон нашето братство и сестринствата, предводени од игуменот Епископ г. Партениј. Во својот настап, кој според сите законски норми и етички кодекси се карактеризира како говор на омраза и повик за јавен линч, тој, служејќи се со лаги, неаргументирано ги обвини нашето братство и сестринствата за повеќе злодела.

Меѓу другото, владиката Петар бескрупулозно тврдеше, и покрај предупредувањата од страна на новинарката за немање докази, дека ние „сме заведувале и киднапирале девојчиња“. Мораме веднаш да ја отфрлиме оваа страшна клевета, за која дури ни е тешко да поверуваме дека излегува од устата на еден архиереј на Црквата. Реалноста е сосема спротивна од кажувањата на владиката. Широко познато е дека нашите манастири се отворени за јавноста и секогаш достапни за органите на власта и безбедноста, така што во секое време може да биде проверена и потврдена невистинитоста на оваа клевета. Впрочем, сите жители и присутни во нашите манастири се наоѓаат во нив доброволно, без принуда, по свој сопствен избор и волја и можат во секое време слободно да ги напуштат доколку сакаат, бидејќи манастирите немаат и не сакаат да имаат инструменти и механизми за принудно задржување на луѓето. Што се однесува, пак, до монасите, монахињите и кандидатите за монаштво, сите тие се полнолетни личности коишто по своја слободна волја пристапиле кон монашкиот живот и тоа можат да го посведочат во секое време.

Понатаму, владиката Петар изнесе тврдење дека ние монасите сме биле виновни за тоа што тој бил неколку пати уапсен од македонската и од австралиската полиција. Оваа нелогична изјава завршува со чудниот заклучок дека ние имаме такво силно влијание што го контролираме полицискиот апарат на две држави, матичната и една прекуокеанска. Да не беше искажана со таква сериозност од еден висок претставник на црковниот клир, ваквата изјава ќе беше навистина комична, но за жал, сега е трагична. Се прашуваме, ако сме толку моќни, зошто владиката ја има оваа слобода да говори толку и така негативно и невистинито?

Владиката Петар, исто така, го повреди и нашето македонско национално чувство, тврдејќи дека сме нешто друго, иако досега повеќепати и тоа јавно сме посведочиле за тоа. Но тој тенденциозно се служеше со испревртување и вадење од контекст на зборови напишани на нашата интернет страница, иако и во сето тоа намерно первертирање тој не успеа да најде јасен исказ каде што се вели дека сме нешто друго, освен Македонци.

Невистините изречени од владиката Петар се простираат дотаму што лажно посведочи дека лично тој го замонашил нашиот Старец, Епископот г. Партениј во манастирот Слепче и дека овој заминал уште следниот ден и за еден месец се нашол во Бигорски, откако претходно наводно избркал две монахињи што биле таму. Значи, вистината е дека владиката Партениј е замонашен две години по својот едномесечен престој како искушеник во Слепче во 1993 година (владиката Петар патем, треба да се запраша во какви (не)услови го имаше оставено младиот искушеник тогаш), односно на 5 август 1995 година, во Бигорскиот Манастир, од страна на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј – за што постои фото и аудио материјал, достапен и на интернет. Исто така, далеку од вистината се и озборувањата на Митрополитот Петар за некакво си изгонување на монахињи со полиција од манастирот, бидејќи отец Партениј воопшто не ни ги затекнал некогаш, а и кога би сакал – не би можел, зашто во Дебарско-кичевската епархија функционира црковната администрација и таа има свој надлежен архијереј кој одлучува. Ние и денес се водиме по тој востановен поредок во нашата епархија од страна на надлежниот архијереј, имајќи од него благословен типик, согласен со одлуките на отците и преданието на Црквата. И каква е таа „кариера“ за која зборува владиката Петар, кога нашиот Старец стана викарен епископ дури по цели 25 години сеоддајна монашка служба, откако претходно беше запазена до точка целата процедура согласно уставот и правилниците на МПЦ-ОА и беше избран по пат на консензус од сите синодални владици? А за тоа дека до ден денес нема земено ни денар плата како владика, нема потреба да зборуваме.

Во врска, пак, со замислените трврдења на владиката Петар дека Бигорскиот Манастир е „парацрква“ и дека сме „над Синодот на МПЦ-ОА“, ние уште еднаш ќе го повториме сведоштвото дека ние како монашка заедница сме нераскинлив дел од нашата најсвета Црква, на којашто доброволно сме ѝ ги посветиле своите животи во жртва и послушание. Како е возможно да бидеме обвинети дека сме некаква паралелна институција, кога немаме ни мотив, ни желба, ни ресурси да бидеме фактор кој ќе генерира и наложува одлуки кои се спротивни на одлуките на Црквата?

Во телевизискиот настап на владиката Петар имаше и многубројни други бесмислици и нелогични нешта, како и клевети и обвинувања и кон други клирици на МПЦ-ОА. Како и претходно, владиката Петар изнесе невистини и за поранешниот шеф на Кабинетот на Архиепископот, истакнувајќи го неговото човечко право да биде пријател со кого чувствува и сака како негов “грев”, сведувајќи го дури на некаква изманипулираност. Придружувајќи се кон ова наше изјаснување, отец Бобан Митевски исто така ја изразува својата вознемиреност поради опсесивноста на г. Петар со него, со постојано искривување на реалноста и изнесувањето на лажни докази за неговото работење во администрацијата на Архиепископот. Во оваа прилика, потсетуваме на демантот на Кабинетот на Архиепископот на оваа тема од пред неколку месеци: „Воедно ги демантираме и посочуваме како невистинити и информациите… за поранешниот шеф на Кабинетот на Архиепископот, информирајќи ја јавноста дека неговото заминување од позицијата Шеф на Кабинетот беше на негово барање, поради лични предизвици и дека истиот до крајот на своето задолжение доследно и најпрофесионално ги извршуваше своите обврски, останувајќи на располагање со својата компетентност и во иднина, по наоѓање на Архиепископот“. Дали и покрај ваквиот демант, продолжувањето со лажните обвинувања, значи непочитување и на самиот Архиепископот.

Нам како монашко братство и монашки сестринства, сецело оддадени на служба за Бога и за ближните, за љубовта и слободата, ни е навистина тешко да поверуваме дека такви клеветнички и навредливи зборови и обвинувања можат да излезат од устата на еден архиереј на Црквата Божја, чијшто призив е, пред сè, да шири љубов, проштавање, милосрдност и сл. Оти, Светиот Апостол и Евангелист Јован поучува дека лагата доаѓа од ѓаволот, кој кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата (Јован 8,44). Но, како што нагласи и самата новинарка во емисијата, луѓето водени од зависта, честопати ги деградираат и ругаат оние за кои сметаат дека се поуспешни од нив.

Имајќи го предвид горе изложеното, а со цел да ја одбраниме својата христијанска чест и достоинство за волја на вистината, но и за да ги смириме духовите на вознемирените верници и граѓани од клеветите на владиката Петар, ние бараме од него јавно извинување за сите изнесени невистини. Во спротивно, и покрај сета наша должна почит, монашка љубов и простување кон него како кон архиереј на Црквата, ние, како општествено одговорни граѓани, ќе бидеме приморани да започнеме постапка пред надлежните институции, заради претрпените трауми кај себе и кај огромниот број верници и граѓани. Оти, и кога нашиот Спасител Господ Исус Христос беше обвинуван од првосвештениците, рече: Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш? (Јован 18,23) Впрочем, во вчерашниот настап на владиката Петар имаше очигледни елементи на говор на омраза, повик за јавен линч и клевети за сериозни злодела, што е повеќе од доволно одговорните институции самоиницијативно и по должност да покренат постапка за кривична одговорност.

Во меѓувреме, ние ќе продолжиме усрдно да се молиме за владиката Петар, а ги повикуваме и сите верници да се молат за него, та мирот Христов да се всели и во неговата душа, откако желбата за осудување и лага ќе ѝ отстапи место на љубовта Божја.

Христос воскресе!

Бигорски манастир

11 COMMENTS

  1. 2500 прегледи , а над 10000 лајкој ахахха. Имате баг на дугмето за лајк и дислајк, треба да ви ги среди програмерот бидејќи на десктоп можи до бесконечност да се притискаат.

  2. Za ovoj vladika nikoj ne e
    dobar. Ima edna srpska pogovorka: koj svakog kalja obično on ne valja. Toj e očit primer vo onaa smisla-daj mu vlast na čovek pa će vidiš kakov e. Vo crkvata takva e tradicija ta, štom čovek će bidne vladika, iako e najprost, ne obrazovan, a pred se’ najloš čovek, toj sekogaš e najmudriot, najpravedniot i najmoćniot. Ovoj vladika e rasturač na MPC, čovek kako koj nikoj nikoj ne smee da bide. Toj ima prognato preku 2o sveštenika od MPC, preku 20 rasplakano svešteniku semejstva-ostaveno bez leb vo Avstralija – isterano od crkvata. Toj e edinstveniot vladika vo istorijata na Pravoslavnata crkva koj se sudi so svoite vernici za što Crkvata plati dva miliona dolara sudski trošoci-ete toa e vladikata Petar.

  3. Овој владика, овој владика кој решил до 15:00 ч. да е владика, а после 15:00 ч. да е бизнисмен и газда во тв интустрија, ако сме правна држава треба по службена должност да го гонат за говор на омраза, планско ширење на лажни вести и изнесување на клевети.
    Овој владика, до пладне духовник, а попладне тв магнат, ако имаме Синод од здраворазумни интелектуалци, теолози и духовници треба веднаш да го повикаат на одговорност и да се оградат од неговите клеветнички зборови.
    Овој владика, чии цркви се празни, ако имаме достоен на функцијата Архиепископ, треба одма да го викне во својот кабинет и да му каже „два збора“. Па ако не послуша уште „два“.
    Овој владика…. овој владика ја потценува интелигенцијата на верниците, си поигрува и ја ограничува нивната слободна волја.
    Овој владика… е овој владика мисли дека почитта се добива единствено со носење на митрата, панагијата и жезолот. Тажно е ако не знае дека почитта се гради и негува.

  4. Монашкиот одговор на било чии напади мора да биде неописливо далеку од речникот на една невладина организација, на активизам за човекови права, на граѓанско движење, на одрекување од силата Божја, од својот богочовечки идентитет кој полага надеж единствено на Божјата Правда и Вистина и Љубов (што друго претставуваат поплаките пред јавноста, посегање по помош од земните судски власти и се’ што е набројано во запрепастувачката објава на најекспонираниот, најфалениот македонски манастир денес?!). Монасите ќе барале отштета за претрпени трауми?! Исто како Св. Серафим Саровски!!! Исто како сите Свети Маченици низ долговековната христијанска историја!? Дека го напуштиле трезвеноумието и смиреноумието посведочено е одамна: секој просечен подвижник на сеедно каков напад од страна на друг христијанин, особено од страна на еден Митрополит, би одговорил минимум вака: “Со оглед на откорвението коешто ние ништожните го имаме за светоста и неприкосновената длабочина на подвигот на многувозљубениот Владика Петар, ги просиме неговата прошка и благослов Семилостивиот Господ да не’ просветли во иднина да не го натажуваме и загрижуваме со ниедна своја постапка, и да ни ги открие и нам нашите слабости коишто неговото мудро око ги пронашло во нашите досегашни дела и го поттикнале праведно да не’ укори. Најсрдечно ги предупредуваме сите коишто неговите поплаки кон нас на некој начин ги соблазниле или ги растревожиле никогаш да не се сомневаат во длабоката мудрост и во несомнената возвишеност на Неговата Високопреосветеност, знаејќи дека духовните атлети неретко со истата остроумност и со мажествена непопустливост прибегнуваат кон безмилосна суровост кога ги укоруваат оние на кои им е потребна заштита од замките на духот на овој свет, од густите мрежи на суетата и на славољубието коишто ги демнат сите што го возљубиле тесниот пат на монаштвото. Затоа и ние во нашата искрена трогнатост од сесрце му благодариме на сесрдечно возљубениот Митрополит Петар за огромната љубов и сесрдечна ревност со која непрестајно се грижи за нашето и за спасението на нашите духовни чеда, како и за поклониците што прибегнуваат кон манастирите во кои сме удостоени секогаш одново и одново да го полагаме нелажниот темел на нашето покајание, сите заедно, заради верата во Милоста на нашиот Господ Исус Христос, Кому Му принесуваме слава како на Единствен Син на Беспочетниот Небесен Отец, заедно со Пресветиот, Благ и Животворен Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин.” Ако монахот заборави дека се’ е од Бога, од каде ќе ја црпи својата духовна сила?! Ако монахот заборави да си ја повторува себеси најважната монашка реченица “Јас сум крив за се’ “, како ќе ја види смислата на искушенијата што го навјасуваат заради преумножување на благодатта и на духовните народи, како ќе победи?! Зарем монахот може да има ‘трауми’? Не може!!!! Траумите се за незнабожците, за неуките номинални христијани (па дури ни за нив!). Монахот, па и ревносниот боготрагател кој под духовно раководство се подвизува во светот, знае дека секогаш кога ќе почувствува болка заради сеедно какво искушение болката доаѓа заради ранетата страст, а не заради острицата на напаѓачот. И знае дека мора да се однесува како ангел (или уште подобро како Самиот Христос!): не смее да си признае дека го боли, а камоли да разгласува наоколу дека е неправедно прободен. Тој е духовен воин. Ако ја почувствува болката, мора да ја држи на растојание помислата што му ја предизвикала. Мора да го исповеда чувството на ранетост со ставот дека самиот го предизвикал нападот, дека е виновен ако не за друго, барем за фактот дека е ранлив. Монахот мора да биде икона на Премудроста. Ако не знае мудро да зборува, тогаш мудро ќе молчи. Мора да биде лукав како змија а незлоблив како гулаб. Во спротивно ќе паѓа, се’ пониско и пониско, додека не слезе на рамниште на обичен граѓанин по професија монах (еден вид римска ‘персона’) кој бара помош од човечките органи на правдата во општеството на незнабожците. Лично не верувам дека може да се најде таква возвишена кауза заради која монахот би бил благодатно поттикнат да бара помош од граѓанските судови. Тоа е секојпат ситуација на прелест, заблуда. Зашто решението на сите “проблеми” на христијаните, особено на монасите, е во Христовата Личност и во благодатта на Светиот Дух. Секогаш кога ќе прибегне кон други патишта, монахот ќе доживее умножување на проблемите. Тоа Преданието на Светите Отци одамна го потврдило. Секое добро!

  5. Митрополитот преспанско – пелагониски, кој како што самиот кажа до пладне е дедо Петар (архиереј и духовник), а после пладне приватно лице Петар Каревски (газда на приватна фирма и негова телевизија), треба да знае дека почитта не се стекнува по автоматизам со добивање на панагија, митра и жезол. На дедото сопственик на тв куќа треба некој да му каже дека почитта се заслужува.
    Е сега конкретно државата има закон против тие што клеветата, шират нетрпеливост и лажни вести, навредуваат и сл. Треба институциите да покажат дека сите сме еднакви пред законот.
    Исто како кога плаќаме данок и докажуваме од каде ни се парите…. Да речеме парите за купување на телевизија и сл.

  6. Секогаш кога некој ќе посака публицитет, внимание и во неретки случаеви читаност на порталот или фб страната веднаш се фаќа за Бигорски, за браќата и сестринството и најповеќе за владиката… Па почнуваат со разно разни писанија, стручни мислења, толкувања и еден куп други небулози се со цел да бидат видени, бидејќи со делата ништо не покажуваат, ги нема никаде па ова им е единствената шанса да бидат малку од малку забележани… За жалење е работава… Се плука и напаѓа по се она што вреди, по се она што може да се нарече живеење по преданието на светата православна црква… Имањето литургиски живот каде што многу верници од секаде земаат учество во литургијата и се причестуваат со светите тајни… И не знам зошто тоа толкуви смета, зошто толку омраза кон братството и владиката… Зошто не се погледнете вие, и да видите кај сте… Колку сте нараснале духовно… Зарем омразата и говорењето невистини насекаде е нешто со што се гордеете… Зарем може ноќе да заспиете при толку завист, толку злоба… И најстрашно од се е како ќе застанете утре пред путирот за причест…. Зарем не се плашите… Жалосно…. Владиката кој толку многу го напаѓате никогаш нема да ве замрази… Знаејќи го постојано ќе се моли за вас… Вашите срца да омекнат , и вашите очи да погледаат… И не само тој, сите нас не учи да бидеме во вистината Христова, а таа е една и сега и во вечноста… Така да престанете да се бламирате бидејќи овој живот е краток… Еден ден ќе треба пред Христа да се застане и ќе треба одговор да се даде за сѐ… По делата ќе те препознаам, така вели нашиот Спасител… А делата на владиката Партениј и братството се големи, и нема некој што не ги знаа…. Запрашајте се за вашите….

  7. Секогаш на некој кога му треба публицитет, да биде забележан бидејќи очигледно некој и не се, да биде во центар на внимание, да му порасне рејтингот бидејќи тоа гордоста му вели дека треба да го направи, веднаш пишуваат , плукаат и се зафаќаат со Бигорски… Со братството и владиката кој впрочем никому, ама баш никому нема ништо лошо направено… Напротив тој е еден и единствен кој се вложува до себезаборав за доброто на сите нас, на црквата и на државата… Кога би биле сите вие кои оговарате, плукате, клеветите барем малку, ама сосем малку како него се ќе беше поинаку… Но нејсе, владиката наш па и ваш ќе ви прости и овој пат… Бидејќи се направија многу пати како е клеветен, а никогаш никој не го потврдил тоа, напротив тој е тука и уште повеќе се вложува, владиката Партениј никогаш, ама баш никогаш освем сега откако ги претеравте сите можни граници не излезе со ништо против никого, а верувајте сите имаме нешто од што се срамиме… Ниту пак дозволи и побара неговите духовни чеда да го бранат и пишуваат се и сешто по интернет странициве… Сега пак е крив оти реагирале, а реагира единствено поради вистината за која што живее и не учи и сите нас секогаш да сме во вистината, а таа е една и овде и во вечноста… Само едно ќе прашам… Дали немате грижа на совест кога ќе застанете пред путирот, а неретко има и од тие што служат, бидејќи има и голем дел од плукачите со разно, разни лажни профили што се свештеници, а можеби и владици??? Зарем не ви е став дека еден ден пред Христа ќе треба да се застане… И што ќе одговорите… А кажано е дека Христос по делата ќе не препозне.. По кој дела се прашувам…. По лаги, по клевети, по оговарања, по спинување на се и сешто… По што??? За разлика од таквите, владиката и браќата имаат дела… Зарем некој од вас, па и од нас ќе отидеше во Западна Македонија , посебно во тој дел Дебар, Ростуше и околината, ако не беше Бигорски и Рајчица… Зарем мало е делото што владиката Партениј преку 25 години со братсвото и сестринството живеат и придонесуваат за тој крај… Зарем тоа не ви е доволно за да разберете дека тие се нераскинлив дел од нашата света црква и дека служат во целосно послушание кон надлежниот архиереј… Како да ви покажат и докажат дека тие се Македонци, ниту грци, ниту бугари ниту срби… Но пред сѐ се православни христијани, како што и сите ние сме… И сите припаѓаме на царството небесно… Кога ќе разберете ќе ви биде полесно… До тогаш преиспитајте се себеси што и како правите, вклучувајќи ги и делата кои ги имате позади себе…
    Имајте убав ден…

  8. Кога на некој му треба публицитет, му треба внимание бидејќи не го најдува таму каде што треба , му треба читаност на некој портал или фб страна од некој скриен профил кој можеби е свештеник, а неретко и некој владика е тогаш со сите сили плукаат и го напаѓаат Бигорскиот манастир, братството и сестринствата а најповеќе нашиот и вашиот владика Партениј… Тогаш во наплив на бес, завист, огорченост и што ли уште не пишуваат сѐ и сешто, притоа не водејќи сметка за другиот, дали е навреден, наклеветен или што ли уште не.. Тогаш го хранат егото, тоа его што ги претвора во сѐ само во христијани нѐ … Во никој случај… Злобно…. Навистина злобно… А од другата страна, таа извиканата, никогаш, ама баш никогаш, освем сега кога веќе се претераа сите граници, и не за себе, реакцијата беше повеќе за луѓето кои се најдоа затекнати од целиот овој спектакл што ни го приредуваат некој исфрустрирани ликови кои патат за внимание не беше реагирано… Се прифаќаа смирено, таков крстот викаа ни е за носење и проштеваа… Не се лутеа, уште нас не замолуваа да не се гневиме… Да бидеме во Вистината, како што и самиот владика Партениј говори… Бидете во вистината бидејќи таа е и сега и во вечноста… Немој никогаш да се одалечите од вистината…. А која е вистината за тие,, просветлените”, плукачите, оговарачите…. Која е??? Одговор ќе нема бидејќи едноставно не знаат што прават… Заслепени се од завист… Повредено им е егото… Зошто некој да е подобар од нив, а во суштина никој и не им запрел да бидат со народот и да прават добри дела како што се прави тоа од Бигорски… По делата ќе ве препознаам се вели… А кои се делата ваши…. Дали сте се запрашале??? Еден ден ќе треба одговор на страшниот суд… Се надевам дека размислувате околу тоа, или можеби и не… Вие сите сте исправни, сите сте достојни… Дали не ви е страв кога ќе застанете пред светиот путир… Голем дел од вас и служите пред престолот Христов… Нема друго што да се каже, освем да се помолиме Господ Бог на сите нас да ни ги стопли срцата и да ни ги отвори очите, бидејќи само така сите заедно ќе пребиваме во вистината… Престанете веќе еднаш…
    Христос Воскресна!!!

  9. Еве ви одговор на ЗОШТО? Вл.Петар зборува …
    Више је него јасно да се не бирају средства како би се православна црква разјединила и увукла у поље геополитичке комбинаторике. Вартоломеј и његови архиепископи се налазе у „истом клубу или ложи“ са највишим политичким и обавештајним ауторитетима Запада. Теје крајње упитно и да ли се и даље цариградски патријарх може сматрати првим међу једнакима по части (Primus inter pares), што се једино може разрешити на свеправославном сабору

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Зелински одобри санкции за 11 новинари за ширење руска црковна пропаганда

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, одобри одлука на Советот за национална безбедност и одбрана (СНБО) за воведување санкции врз 11...

Патријархот Порфириј предводеше годишна панихида за жртвите од несреќата во Нови Сад

Во присуство на неколку илјади верници, меѓу кои и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и високи државни...

Архиепископот Елпидофор: Технолошкото цунами нè повикува да ја зајакнеме Арката на спасението

На богословско-научна конференција во Бруклин, САД, посветена на темата „Дали божественото и дигиталното се пресекуваат?“, Архиепископот на Америка...

Руската православна црква воведува молитва против абортус: Целта е да ги „вразуми“ жените

Руската православна црква објави дека ќе воведе посебна молитва посветена на „вразумување“ на жените кои планираат абортус. Одлуката...