Возљубени браќа и сестри!
И покрај долгите и настојчиви обиди на Украина и на целата меѓународна заедница, се случи еден неиспровоциран, подмолен, циничен напад од Русија и Белорусија врз Украина.
Наша заеднична должност/мисија е да го одбиеме непријателот, да си ја заштитиме нашата татковина, нашата иднина и иднината на новите генерации од тиранијата што сака да ја воспостави напаѓачот со своите бајонети.
Вистината е на наша страна. Следствено, непријателот со Божја помош и со поддршката од целиот цивилизиран свет, ќе биде поразен.
Нашата должност сега е да се обединиме, да го издржиме првиот напад, не да паничиме. Веруваме во промислата Божја и во победата на вистината. Им веруваме на нашите вооружени сили, нашите бранители. Се молиме за сите што се наоѓаат на првата борбена линија против напаѓачот.
Особено е важно да не потпаднеме на можни внатрешни провокации, да го зачуваме поредокот, да ги извршуваме наредбите на државните и воените началства на Украина.
Каде што постои можност, барам од клирот и од верниците да ги извршуваат редовно своите молитви за Украина, за победа, за нашите војници. Ви благословувам да се молите со Акатистот за застапништво на Пресветата Богородица и со други слични молитви.
Упатувам повик кон меѓународната заедница, кон сите религиозни водачи во светот, да ја поткрепат Украина, да ја натераат Русија и Белорусија да застанат веднаш со нападот. Барам од сите луѓе кои имаат добра волја да го направат тоа.
Оние кои започнаа и извршуваат агресивна војна против Украина треба да знаат дека согласно со Божјиот закон и човечките закони се убијци и злосторници и за нивното злосторство ќе дадат одговор пред Севишниот и пред човештвото, без да ги избегнат осудата и казната
Возљубени браќа и сестри!
Како Претстојател со вас сум, извршувајќи ги своите задолженија. Како што се развиваат настаните, ќе ве известувам.
„Не плашете се, застанете и ќе видите како Господ ќе ве спаси денес (…) Господ ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни“ (Излез 14, 13 – 14).
Украинците се мирољубив народ, но силен во дух и вера. Веруваме дека насилството и оружјата што се свртуваат неправедно против нас денес ќе се претворат во гнев Божји и меч против напаѓачот. Затоа што сите злосторнички намери Му се познати на Бога, како што е напишано: „Кројте заговори, но тие ќе се рушат, говорете збор, но тој нема да се исполни, зашто со нас е Бог“ (Исаија 8, 10). Нека се исполнат зборовите на Спасителот кон инспираторите на војната и напаѓачите: „кој се фаќа за нож, од нож ќе загине“ (Матеј 26, 52).
Со молитвата на нашите усни, со љубов кон Бога, кон Украина и кон ближниот, се бориме против злото и ќе ја видиме победата.
Го повикувам Божјиот благослов врз украинската држава, врз војниците што ја штитат Украина и целиот наш народ!
Голем е Бог, Единствен, спаси ја Украина за нас!
/Епифаниј, Митрополит на Киев и на цела Украина

