Неочекуваниот потег на Вселенската патријаршија предизвика потрес во Критската црква

Date:

Share post:

Вселенската патријаршија, како што веќе извести Religija.mk, изврши неочекувана промена, назначувајќи го митрополитот на Лампија, Сиврит и Сфакија, Иринeј, за нов митрополит на Мосхонисија – историска епархија во Турција, денес без активен црковен и верски живот. Одлуката, донесена од Синодот на Фанар, ги изненадила владиците наКритската црква, која со оваа одлука останува со две испразнети епархии и без потребното мнозинство за избор на нови митрополити, што практично отвора пат за испраќање екзарси на островот – чекор што дополнително ги напрега веќе затегнатите односи меѓу Крит и Фанар, особено по неуспешниот избор за митрополит на Кидонија. Според информациите на creta24.gr, потегот ја одразува длабоката разочараност на патријархот Вартоломеј од состојбите во Критската црква.

Очекувањата се дека на островот ќе бидат пратени митрополитот на Халкидон, Емануил, и архиепископот на Австралија, Макариј – двајцата од критско потекло и со целосна доверба од патријархот. Иако формално немаат мнозинство за влијание врз изборите, нивното присуство реално може да го промени балансот на силите во идните одлуки за нови јерарси.

Одлуката предизвикала бурна реакција меѓу свештенството во Ламписката митрополија. Во официјалната изјава, Унијата на свештеници изразила „длабока жал, разочараност и категоричен протест“, нагласувајќи дека преместувањето на митрополит Иринeј било направено без негово знаење и согласност. Свештениците ја потврдиле својата „целосна верност и благодарност“ кон јерархот, кој 35 години служел во епархијата, обновувајќи храмови, ракополагајќи повеќе од 70 клирици и воскреснувајќи еден историски регион „од пепелта“. Свештенството истакнало дека ќе го сметаат за свој канонски архиереј сè додека самиот тој не донесе поинаква одлука, повикувајќи го Синодот на Критската црква да заземе јасен став. Апел бил упатен и до локалните,државните власти и до верниците „да се молат за својот пастир, кој со години служи дење и ноќе“.

Кризата се надоврзува на актуелните тензии околу изборот на нови митрополити во полуавтономната Критска црква, во рамките на Вселенската патријаршија.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img