Поради неексплодирана бомба од Втората светска војна, околу 54.000 луѓе ќе мора да бидат евакуирани од баварскиот град Аугсбург на Божиќ, јавиле вчера германските медиуми.
Станува збор за најголемата евакуација во Германија од крајот на Втората светска војна.
Градските власти им наложиле на граѓаните да ги напуштат своите домови до 10 часот наутро на Божиќ, откако во текот на градежни работи била пронајдена заборавена британска бомба тешка 1,8 тони.
Евакуацијата ќе ја надгледуваат 800 полицајци, кои ќе се погрижат техничарите да не започнат со деактивација додека сите граѓани не го напуштат градот.
Се очекува деактивирањето на бомбата да трае околу 5 часа, но можно е да потрае до следниот ден.
Евакуацијата е закажана за Божиќ поради послабиот сообраќај и малиот број на луѓе на работни места.
Слично нешто било организирано и во Кобленц во 2011. година, кога исто така била пронајдена неексплодирана бомба од Втората светска војна.
Тогаш своите домови ги напуштиле околу 45.000 луѓе.
