Млади луѓе од Тернопол се собрале на заедничка молитва за жртвите од ракетниот напад врз градот во Западна Украина, извршен два дена претходно, известува Katolik.life. Заедно со свештеник тие дошле пред повеќекатниот станбен објект во кој на 19 ноември удрила руска ракета, одземајќи десетици цивилни животи. Истовремено, свештеници од Украинската грко-католичка црква се помолиле на самото место на трагедијата, над телата на загинатите.
Фотографиите што ги објави тернополскиот грко-католички свештеник отец Роман Демуш, на кои се гледаат свештеници како се молат меѓу урнатините и покрај телата на жртвите, каде што во тој момент веќе биле извадени 26 тела на загинати мирни жители, меѓу кои и три деца. Подоцна бројот на жртвите продолжи да расте. До утрото на 22 ноември беше потврдено дека загинале најмалку 32 цивили, откако спасувачките екипи го пронајдоа телото на уште една жена. Ден претходно, од урнатините беа извлечени телата на две деца и нивната мајка, а вкупниот број на загинати деца од ракетниот напад достигна шест.
Една украинска новинарка, коментирајќи ги објавените фотографии, напишала дека за првпат во животот гледа свештеници директно на местото на ракетен удар. Таа истакнала дека духовниците биле заедно со својот народ во најтешките моменти – се молеле, утешувале и стоеле покрај оние кои претрпеле ненадоместлива загуба, додавајќи дека токму поради таквото сведоштво разбира зошто луѓето повторно ќе се вратат во црквата. Нејзините зборови биле поддржани во стотици коментари, а многумина истакнале дека никогаш досега не биле сведоци на ваков чин, кој оставил длабок впечаток дури и кај атеисти.
Во меѓувреме, во грко-католичкиот храм „Архистратиг Михаил“ во Тернопол бил формиран хуманитарен штаб на Украинската грко-католичка црква, чија цел е координирање на помошта за сите погодени од ракетниот напад врз градот.
