Во Малезија се отворила јавна дебата откако на социјалните мрежи се појавило циркуларно писмо, припишано на Исламскиот верски оддел на сојузната држава Малака, во кое се наведува дека божикна декорација не е дозволена во кујните и комерцијалните простории на хотели и ресторани со „халал“ сертификат.
Во документот се тврди дека Божик е религиозен, а не културен празник и дека ваквата декорација може да покрене „прашања поврзани со верата“. Истовремено се наведува дека украсување е дозволено во простории кои не се дел од халал-сертифицираните зони, како што се фоајеата и заедничките простори.
Наводната директива предизвикала реакции од муслимански функционери и политичари, кои оцениле дека ваквиот пристап е спротивен на мултирелигискиот карактер на земјата. Министерот за туризам на државата Саравак, Абдул Карим Рахман Хамза, изјавил дека ваквите политики покажуваат недостиг од разбирање за плуралистичкото општество во Малезија и повика на поголема отвореност и толеранција.
По ескалацијата на полемиката, федералните власти излегоа со појаснување. Министерот во кабинетот на премиерот задолжен за верски прашања, Зулкифли Хасан, соопштил дека не постои општа забрана за користење привремени декорации поврзани со неисламски верски празници во објекти со халал сертификат. Тој нагласи дека халал сертификацијата се однесува на подготовката и составот на храната, а не на празничната декорација.
Според федералните насоки, дозволено е користење на симболи и украси за неисламски празници, сè додека не се прикажуваат предмети за богослужба и не се комбинираат религиозни симболи со официјалното халал лого. Оваа позиција, како што беше појаснето, е во согласност со одлука од 2023 година на националната Исламска агенција за развој. И политички претставници од различни партии оцениле дека евентуалната забрана би претставувала чекор наназад и повикаа на нејзино преиспитување.
Малезија е држава со муслиманско мнозинство, каде исламот е официјална религија, но уставно е загарантирана слободата на вероисповед. Христијаните сочинуваат околу 9 проценти од населението, а во државите Саравак и Сабах тие претставуваат значителен дел од локалното население. Таму, како и во други делови од земјата, празнични украси за различни верски и културни празници традиционално се присутни во јавниот простор.
