Волчи Храм е името на првата паганска верска заедница регистрирана во Македонија. Граѓанскиот суд на 30 септември оваа година ја регистрирал како „паганска религиозна група Вочли Храм“, а како таква е запишана и во Централниот регистер на Македонија. Седиштето е во Велес.
Основач и водач на оваа паганска верска организација е Мартин Најдовски од Велес. Младо момче, кое на јавноста изминативе години и е познат како билкар, љубител на растенијата и нивните лековити својства.
Иако е регистрирана со решение на судот, во регистарот на Комисијата за односи со верските заедници, се уште не е впишана. Засега оваа верска заедница нема јавни настапи.
На фејсбук-профилот на основачот, може да се прочита информација дека веќе е отпечатена неговата втора книга „Вовед во паганизмот – Магиските практики, обичаи и баења во нашата традиција”, како што потенцира, прва во Македонија од овој тип, уникатна и единствена.
Во објаснувањето за книгата авторот пишува: „Живееме во еден живот, исполнет со конфузија, барање смисла и појаснување на прашањата за енергијата, традицијата македонска но и духовниот пат пагански. Ова дело, е прво од ваков вид кај нас“.
Издадена во 2025 година. Во нејзе авторот темелно ги опфаќа баењата и магијата, на кои посветил повеќе од 10 години, одење на терен и правење на директни интервјуа, со цел да го собере целиот тој материјал и да го преточи во пишана форма, која ќе остане и за наредните генерации.
Во книгата авторот исто така пишува за својата религија “паганството”, која, како што вели е најстара вера, начините, обичаите, практиките и учењата врзани за истата.
-Напишана за сите оние кои имаат интерес за мистичното, оностраното или едноставно кажано “светот на магијата”. Ќе сретнете многу ритуали, молитви, химни, како и бајалици против уроци, уплав, загреби, каснато од змија и многу други. Оваа книга нема да ви биде прочитана еднаш, во тоа сум сигурен, ќе ви биде еден водич до тоа како се бае, што се користи, како се изговараат одредени бајалици, бела магија која ќе ви помогне за заштита од црна магија, отворање на среќа, љубов и многу други методи за подобрување на животот, вели авторот.
