На интернет се појави едно интервју со Волоколамскиот митрополит Антониј од Московската Патријаршија, како обид барем на некој начин да го надомести поклонувањето и благословот што самиот ги доби од Вселенскиот Патријарх при нивната средба на погребот на Архиепископот на Тирана, Анастасиј. Оти, фактот дека ја целиваше десницата на Вселенскиот Патријарх, сигурно не беше случајна околност.
Во ова интервју тој го нападна Александрискиот Патријархат, обидувајќи се да го претстави признавањето на Автокефалната Православна Црква на Украина како наводно предавство од страна на Патријархот на Александрија, Теодор II. Ова негово интервју, секако, беше наменето за ширење и објавување во рамките на руската територија, но и за православните Руси воопшто, со цел да се оправда упадот на Московската Патријаршија во Африка и шизмата што се создаде таму како резултат на тој упад. Но, бидејќи беше преведено и објавено и на грчки јазик, не би било бесполезно да се прокоментира оваа објава, со цел да се открие вистината од канонска перспектива, којашто во ова интервју е прикриена.
Многу точно митрополитот го започнува своето интервју, велејќи: „Во древните уредби, кои ги нарекуваме свети канони, Северна Африка беше призната како канонска територија на Александрискиот Патријархат, кој во текот на 20. век ја прошири својата активност на целата африканска територија.“
Во сите тие парохии, свештениците, како пратеници на Руската Православна Црква за служба, ги координираа своите активности со црковните власти на Александрискиот Патријархат, дејствувајќи исклучиво со благослов на месната јерархија. Според светите канони, свештениците на Руската Патријаршија добиваа благослов од Александрискиот Патријархат за секоја богослужбена дејност што ја извршуваа.
Потоа, митрополитот тврди дека „Александрискиот Патријарх станал расколник откако ја признал и сослужувал со поглаварот на Автокефалната Црква на Украина, и поради тоа Руската Црква била принудена да ги разгледа бројните барања на рускојазичните емигранти кои живеат и во други африкански земји и кои побарале од Руската Православна Црква да основа свои парохии и да испрати свештеници.“ Ова е став што го изразуваат како самиот митрополит, така и Московската Патријаршија.
Но, да видиме дали овој став е во согласност со светите канони. Каноните 12, 13, 14 и 15 од Прво-вторниот Собор во Константинопол определуваат дека „никој, без да има одлука на надлежниот црковен суд, не може да го смета епископот за виновен и да не му се потчинува.“ Надлежниот црковен суд, односно една Сеправославна Соборна инстанца, сè уште не е свикана за да го разгледа прашањето дали и во која мера Александрискиот Патријархат станал расколнички, како што тврди Московската Патријаршија. Оттука, однапред преземените „одмазднички“ постапки, според светите канони, се сметаат за неканонски.
Тука се поставуваат неколку логични прашања, на кои ниту самата Руска Црква не може да одговори:
а) Кој ѝ го дал на Московската Патријаршија правото да го суди Александрискиот Патријархат и да врши активности во туѓи епархии, кога тоа е забрането со светите канони?
б) Дали Руската Црква, која доби легитимација како патријаршија пред само неколку стотини години, има право сама да го осудува Александрискиот Патријархат, чија историја датира од самите почетоци на христијанството?
в) Зошто нема никаква богословска анализа од страна на Руската Црква дека споменувањето на името на поглаварот на Црквата на Украина од страна на Патријархот Теодор ѝ дава право на Руската Црква за неканонските постапки во Африка?
Така, таа се повикува само на еден канон (2-риот канон од Антиохискиот собор), додека гази преку десетици други. Според светите канони, бидејќи Александрискиот Патријархат не побарал од Руската Црква да интервенира во нејзините граници или да основа свои епархии таму, создавањето на егзархија на Руската Црква во Африка претставува инвазија врз канонската јурисдикција на друг црковен субјект – упад што е еднаков на создавање на раскол, односно еден вид црковна окупација. Со тоа се разединува Телото Христово, а самата Московска Патријаршија се става надвор од Црквата.
Како резултат на сето ова, според светите канони, епископот и „африкански егзарх“ на Руската Црква, „митрополитот“ Зарајски Константин, беше разрешен од својот свештенички чин од страна на Светиот Синод на Александрискиот Патријархат. Истото се случи и со неговиот претходник, „митрополитот“ Леонид, како и со сите клирици кои отпаднаа од Александриската Патријаршија.
Потоа, Волооколамскиот митрополит наведува дека „Александрискиот патријарх во своите јавни изјави ја изразувал својата посветеност кон светите канони, велејќи дека украинските расколници се лишени од Божјата благодат и ги повикувал верниците да останат верни на канонската Црква предводена од Онуфриј“.
Сепак, Патријархот на Александрија не кажуваше ништо чудно, бидејќи сето тоа беше точно пред доделувањето на автокефалијата и враќањето на расколниците во канонско единство. Од декември 2018 година, кога беше создадена Автокефалната Црква на Украина, поранешните расколници станаа учесници во Божјата благодат и се вратија во канонскиот поредок.
Во реалноста, поглаварот на втората по чест Православна Црква не направи ништо повеќе од тоа да се усогласи со одлуките на Вселенската Патријаршија, која има исклучива надлежност за доделување автокефалија. Не направи ништо повеќе од тоа да се придржува кон светите канони и светото предание на Православната Црква, на кои отсекогаш им бил посветен. Како патријарх на вториот по чест трон, даде пример, како што му доликува, за да продолжат и другите помесни Цркви. За жал, сепак, одредени интереси сè уште ги спречуваат повеќето од нив да го сторат тоа.
Потоа, како човек кој целосно ги игнорира светите канони и преданието на Црквата, тој вели: „Овој чин на Патријархот Теодор го разобличи како човек кој нема доследност во своите зборови. Сличен впечаток не добивме само ние, туку и огромен број клирици во самата јурисдикција на Александрискиот Патријархат. Тие разбраа дека нивниот патријарх изврши предавство и дека веќе е тешко да се нарече чесен човек.“
Тој го обвинува Патријархот дека не е чесен човек, бидејќи се усогласил со светите канони, и го оправдува основањето на африканската егзархија на Руската Црква, велејќи дека немало друг избор, бидејќи „примил десетици барања од африкански клирици, главно домородци, кои изјавиле дека, по сè што се случило, повеќе не сакаат да бидат под омофорот на Патријархот, кој се однесувал толку нечесно. Тие го молат Московскиот и Серуски Патријарх да ги прими под своја заштита и под своја јурисдикција.“
Но, од кога и според кои канони, некоја помесна Црква е должна да постапува по барањата на клирици од друга јурисдикција и да создава неканонски структури? Ако ова беше традицијата на Црквата, тогаш ќе имавме безброј вакви неканонски дејства. Бидејќи секогаш постојат некои клирици кои, од свои лични причини, а не од вистински црковни мотиви, бараат нелогични работи.
Самата Руска Црква всушност навлезе во канонската територија на друга помесна Црква, прекршувајќи мноштво свети канони. Кој ѝ додели на Руската Црква овластувања што ги имаат само Вселенските Собори? Руската Православна Црква нема право да суди друга помесна Црква. Дополнително, осудата на Александрискиот Патријарх и одрекувањето на спасоносното дејство на благодатта во оваа Црква, како што тврди Руската Црква, е рамно на богохулство против Светиот Дух.
Понатаму, митрополитот настојува вешто да ја претстави новата еклисиологија што Руската Црква сака да ја наметне, велејќи: „Бидејќи Патријархот Теодор ’сослужуваше‘ во август 2021 година со поглаварот на украинскиот раскол, тој не ни остави друг избор. Според светите канони, оној кој сослужува со расколник, и самиот станува расколник.“ Ова е ново оружје што го користи Руската Црква – продолжување на црковното општење само со епископи кои се согласуваат со нив по прашањето за автокефалијата на Црквата на Украина.
Не може еклисиолошки да се оправда манифестацијата на општење само со одредена група епископи од страна на некоја помесна Црква. Раздорите што се подготвени да ги предизвикаат во сите помесни Цркви кои „се осмелуваат“ да ја признаат Автокефалната Црква на Украина, како што се случи и со Александрискиот Патријархат, претставуваат најголемата пречка и причина за колебање кај другите Цркви во процесот на признавање. Така, на свештениците им се сугерира да не сослужуваат со оние што сослужувале со епископи или свештеници на Автокефалната Црква на Украина, за да не се „осквернат“. Но, единствениот свет канон на којшто тие се повикуваат, не зборува само за сослужување, туку за општење.
„Оној што општи со оние што се надвор од општењето, и самиот станува недостоен за општење“ (Втор Канон на Антиохискиот Собор). Единствено е општењето во Христос, единствена е заедницата во Светата Чаша, едно е Телото на Црквата. Ако тие го сметаат Вселенскиот Патријарх или Александрискиот Патријарх за недостојни за општење и за расколници поради сослужувањата што ги имале со Украинците, тогаш, според светите канони, сите што ги спомнуваат стануваат недостојни за општење и расколници. Не е потребно да се чека на некое сослужување за да се случи тоа.
Од моментот кога сите ние го спомнуваме Вселенскиот Патријарх Вартоломеј или Александрискиот Патријарх или, едноставно, сме во општење со нив, тогаш сме во општење и со Киевскиот Архиепископ Епифаниј и со Црквата на Украина, дури и ако немаме сослужувано со нив. Ова е православната еклисиологија, и ова е токму она што го пропишуваат светите канони. Сите останати нови теолошки конструкции се измислици на Руската Црква, чија цел е да ја задржи својата контрола врз митрополиите на другите помесни Цркви. Тие теологизираат според своите интереси, а не според она што го пропишале Христос и Црквата преку богоносните Отци на Светите Вселенски Собори.
Потоа, тој ја велича активноста на Руската Црква во Африка, обвинувајќи го Александрискиот Патријархат дека ги оставил на милост Божја некои тешко достапни области. Но, како што знаат сите што имаат контакт со Александрискиот Патријархат, ова се само комуникациски манипулации со цел да се добијат симпатии и воопшто не соодветствуваат со реалноста.
Од страна на Руската Црква, во овој случај, е направено невидено и брутално кршење на многу свети канони. Тие со еден потег го избришаа Канонското право на Православната Црква, само за да ја прошират својата власт. Влегувањето во туѓа јурисдикција (интервенционизам) е осудено уште од првиот Собор на Христовата Црква – Апостолскиот Собор. Обезбедувањето на јурисдикцијата на секој Патријархат или Автокефална Црква во рамките на границите определени со соодветните Томоси или со одлуките на Вселенските Собори е она што го гарантира континуитетот и единството на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
Денес, пак, се соочуваме со дејствија кои воопшто не се во склад со луѓе што ја љубат Црквата и нејзиното единство. Основањето на егзархии без дозвола и благослов од локалниот епископ, а во овој случај основањето на егзархија во Африка од страна на Руската Црква, претставува чин што го разединува единството на Црквата.
Ако со таква леснотија и без никаква воздржаност се погазуваат толку многу свети канони и одлуки на Вселенските Собори, а тоа остане незабележано и без никакви санкции, ќе се нанесе огромен удар врз институцијата на Црквата. Бидејќи тогаш сите свети канони и одлуките на Вселенските Собори ќе станат лесно поништувани, во зависност од интересите на секоја поединечна Црква.
Кое ќе биде тогаш ограничувањето за секоја Автокефална Црква да создава егзархии низ целиот свет? И навистина многу е тажно што и други помесни Цркви не заземаат став во поддршка на Александриската Патријаршија и на светите канони, иако многупати оваа многустрадална Црква на Александрија го упати тој повик. Александрија, која не остана на страната на Москва, туку на страната на светите канони и на древните традиции на Православната Црква.
Пишува: јеромонах Никита Пантократорски


Она што е навистина нереално во случајот е фактот дека во име на некакви древности до денес им била препуштена “јурисдикција” како ексклузивитет на извесни “патријаршии” безмалку на цели континенти, без оглед на недостатноста на нивниот реален капацитет во пракса да го развијат таму делото Божјо, автентичниот духовен живот меѓу населението. Така што, сите овде изложени принципи одамна паднале во вода: каде еден апостол не донел плодови, друг дава – нема кој за што да се лути. Голем дел од Африка е едноставно само дијаспора за која било постоечка Помесна Црква. И ова е стара болка на Црквата, за која најпосле без многу заобиколувања говори и Св. Апостол Павле. Очигледно е дека во одбрана на сопствените тенденции и права на црковна власт многумина апологети на оваа или онаа црковна кауза се повикуваат и на нефункционални црковни канони, чија применливост била врзана за конкретен историски период, а фактички е одамна надживеана. Руската држава на пример има одлична соработка со многу африкански држави во последно време. Нивните досегашни надворешно политички партнери биле извесни европски колонизатори, коишто само ги исцрпеле ресурсите во природни богатства и човечки капитал за своја полза, а оставиле пустош зад себе. Природно е што истите народи се обраќаат кон штедро подадена рака наместо да останат да тлеат во јалови, безидејни шеми, само заради вековните традиции на посилното присуство на римокатолиците меѓу нив на пример. Ако веќе се зборува за легитимитет на Сеправославен Собор, еден таков собор најнапред би морал да ја прочисти и класифицира валидноста на разни канони за конкретни состојби, заради огромните злоупотреби со безрасудно генерализирање во наследеното ‘црковно право’ како такво. Инаку, денес се има впечаток дека “сите го бараат своето, а не она на Исус Христос” (Филип. 2, 19 – 22). Огромен е угледот на ‘рускиот свет’ во Адрика во секој поглед, најмногу од просветно-образовен аспект, а веќе и во економско-политички, што се’ заедно е последица на силното духовно (не деструктивно туку креативно) влијание. На тоа може само да се даде поддршка или да се покаже восхит, а не да се замерува.
Во 20 век Александриската Патријаршија (од 451 г. наваму трета по чест!) го проширила своето дејство врз целиот африкански континент. Запрепастува догматизирањето на таа реалност од монах кој се обидува да направи некаква еклисиолошка експертиза, оспорувајќи го правото на свое толкување и на своја полновласност на дејствување во нивата Господова на цела една патријаршија (во случајов Московската Патриаршија), заради нејзината не знам каква “младост” во историско-црковна перспектива. Реалноста, се знае, е наполно поинаква: една Помесна Црква расте или “се смалува” во согласност со успехот на умножувањето на плодовите. Кому може да му пречи организирањето на квалитетен духовен живот онаму каде што има потреба, на простори коишто всушност претставуваат дијаспора, а не матична територија за Помесната Црква којашто наводно историски полага ексклузивно право на тоа?! Овој текст исто така докажува дека зборовите на Св. Апостол Павле денес особено пластично ја опишуваат црковната реалност на меѓусебно ривалство меѓу современите носители на апостолската чест: “Сите си го бараат своето, а не она што ена Исус Христос” (Филип. 2, 19 – 22).