Бењамин Идриз, имам на џематот во Пенцберг и основач на Минхенскиот форум за ислам, инаку по потекло од Македонија, е добитник на престижната германска награда „Томас-Делер“ за 2025 година – признание што го доделува истоимената фондација поврзана со либералната партија ФДП. Свечената церемонија се одржа вечерва во Куќата на уметниците во Минхен, а наградата му ја врачи поранешната сојузна министерка за правда Сабине Лојтхојсер-Шнаренбергер, што дополнително сведочи за угледот на самото признание.
Со оваа награда фондацијата традиционално ги одликува личностите кои придонесуваат кон слободното обликување на внатрешното единство на Германија, зајакнувањето на правната држава и борбата против предрасуди, нетолеранција и омраза. Меѓу досегашните добитници се наоѓаат истакнати фигури како поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер, либералниот политичар Ото Граф Ламсдорф и основачот на списанието Фокус, Хелмут Маркворт.
Во образложението за изборот на годинашниот лауреат се истакнува дека Идриз и неговата заедница претставуваат „доследно слободоумен, дијалошки и интеграциски пријателски пристап кон исламот“, кој активно придонесува кон мирен соживот во германското општество – без разлика на потекло, вера или убедување.
Идриз повеќе од три децении живее и делува во Пенцберг, каде неговата заедница се смета за пример на успешна интеграција и отвореност кон дијалогот. Фондацијата го нагласува нивниот јасен ангажман за толеранција, заемна почит и општествено единство.
-Ова признание ми претставува голема радост. Но ова не е награда само за мене, туку признание за трудот на целата наша заедница во изминатите 30 години, изјави Идриз по свеченоста.
Наградата, именувана по германскиот повоен политичар Томас Делер, кој се залагал за слобода и правда, носи силно симболично значење и го нагласува придонесот на лауреатите кон либералните и демократските вредности што ги негува германското општество.

