Светиот Архангел Гавриил утре петок за прв пат по 80 години ќе се слави во неговиот манастир во Долни Дримкол. Овој голем настан е со благослов на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Светата литургија ќе ја служи Владиката Партениј, а е најавено присуство и на голем број верници од цела Македонија.
Долнодримколскиот Манастир, меѓу народот познат и како Манастирец – според некогашното село што се наоѓало во близина, е посветен на Светиот Архангел Гавриил. Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Манастирот датира уште од ромејскиот период (пред 14. век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20. век. Последната Света Литургија во него била отслужена во пролетта 1944 година од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од с. Модрич.
По иницијатива и со заложби на Игуменот на Бигорскиот Манастир, Епископ Антаниски Партениј, во периодот од 15 мај до 30 јуни оваа година, беа спроведени опсежни работни активности за отворање на пат и очистување на остатоците од Манастирот, со што се создадоа неопходни услови за служење на Божествена Литургија.
-Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да му оддадеме должна чест на великиот Архистратиг Гавриил и да ја вратиме од заборав оваа негова Светиња со големо историско и духовно значење. Затоа, да се собереме во што поголем број и заедно да го испросиме благословот на нашиот небесен добротвор, велат од Бигорски.