Во ова наше современо живеење, сведоци сме на еден интензивен стремеж за прифаќање на модерниот либерализам, кој неминовно води кон искривување, ако не и потполно напуштање на христијанските, а со тоа и на традиционалните морални начела. Најголема жртва на тој тренд е токму младиот човек, кој во општеството влегува без да има изградено квалитетен систем на вредности, па затоа не треба да нѐ чуди тоа што соочен со бројните негативни влијанија од околината инерасудлив во поглед на она што светот му го нуди, тој често го одбира погрешниот пат за свое изразување. Европскиот модерен и негативен поглед кон религијата како нешто заостанато, учењето за толерирање на изопачените вредности,празниот материјализам и успехот како највисока вредност, сето тоа духовно го повредува младиот човек, го турка во разочараност и очај. Како последица на тоа младите започнуваат да се оддалечуваат едни од други,стануваат сѐ побунтовни, и својата потреба да бидат оригинални ја манифестираат во крајно негативен правец, па затоа често ни се случува оние што треба да бидат носители на нашата иднина, да станат проблем за општеството, наместо негова надеж.
Овој, за жал, реален приказ на младината денес е толку спротивен на природниот дух на младиот човек, кој има потреба не само да се изрази и да биде забележан, туку и да остави позитивен впечаток на светот околу себе, па дури и да го промени на подобро. Зашто децата, нашето најскапоцено богатство, кои иако тежнеат да живеат овде и сега, во овој и само за овој миг, сепак, својот поглед го имаат насочено и кон иднината, и можеби повеќе несвесно, тие трагаат по некакви вредности кои ќе им обезбедат трајна радост и убав живот. Затоа, крајно време е сите ние да ја преземеме одговорноста за нашите млади луѓе и да им ја приближиме верата, преку која тие на најдобар и најлесен начин ќе ги стекнат толку потребните доблести.
Но, треба да се реагира веднаш! Треба да им помогнеме радосно да побрзаат во Божјата прегратка, да го изградат тој толку потребен и правилен однос со Бога, со сите оние коишто ќе ги сретнат на своето животно патување, и да станат личности кои ќе можат похрабро и поцврсто да се соочат со тешко совладливите препреки во надворешниот свет. Да не дозволиме да изградиме генерации кои ќе живеат без одговорност, без визија за иднината, млади луѓе што ќе бидат водени од потрагата по привремени задоволства, кои не само што не нудат исполнување и утеха, туку уште повеќе го зголемуваат незадоволството.
ДА СЕ НЕГУВА ЖЕЛБАТА НА ДЕТЕТО ДА ВЕРУВА ВО БОГ
Всушност ако го свртиме на кратко нашиот поглед кон историјата на нашиот народ, ќе видиме дека тој опстанал низ вековите само благодарение на тоа што се воспитувал во Црквата Христова, и таму ја стекнувал својата цврста и непоколеблива вера, храброст, истрајност, таму негувал вистински патриотизам и непосрамлива надеж за подобро утре. Со векови нашата исконска православна вера издигнувала не само полезни, мирољубиви, конструктивни граѓани на општеството, здрави и пожртвувани личности, туку и вистински великани, мајстори на словото и просветители, херои за Татковината, мудри научници и просветлени уметници, за коишто и ден денес со гордост си спомнуваме.
Да! Нашиот народ некогаш имал многу силна вера! Но… ми дава голема надеж и ме исполнува со радост, да го споделам со вас и тоа дека денес,кај голем дел од младите се јавува еден засилен стремеж за враќање во Божјите прегратки, за другарување со Бога. Сѐ поголем број од нив, соочени со сѐ поголемата духовна осиромашеност, го започнуваат своето внатрешно патување во потрага по вистинска радост и на тој пат Го наоѓаат Христа. И Го чувствуваат како нешто најблиско на душата, како Некој Кому можат потполно да Му веруваат и брзо стануваат свесни дека само Он, бидејќи е Добар Бог, може да воспостави хармонија во нивниот дух, може да направи тие да зрачат со огромна позитивна сила, да им обезбеди еден ентузијастички полет. Веднаш согледуваат дека Бог е Бог на неизмерната љубов, на милосрдието, а не Некој Кој едвај чека на оној што ќе згреши да му изрече казнена мерка.
Токму затоа никој од нас нема право да ја игнорира, спречува или задушува желбата на детето да верува во Бога и да ја сака Црквата. Напротив, таквите благородни желби треба уште повеќе да ги поттикнуваме и негуваме, бидејќи кога младиот човек ќе се сретне со Христа, тој всушност, се среќава со добрината, мирот, радоста и љубовта.
И еве за вас можност, денес да ѕирнете во тој посебен, со радост исполнет свет, што зрачи од детските души,тогаш кога тие ќе се сретнат со Бога. Со нас овде се дел од децата кои ги посетувале летните школи по Веронаука во нашите манастири, кои,пред сѐ, научиле да го сакаат ближниот онака како што се сакаат себеси. Тие низ драматизираната верзија на евангелската парабола за Изгубениот син, ќе ви покажат колку е неисцрпна милоста Божја кон секого кој со искрено покајание Му се обраќа Нему, и дека ниту еден грев не може да го поколеба Божјото човекољубие. Оваа животна драма која се одигрува секојдневно околу нас, во современиот и модерен живот, ќе ја одглумат учениците од ООУ „Кочо Рацин“од Прилеп, предводени од нивната наставничка по предметот „Етика на религиите“, Моника Дервеновска.
КОЈА Е МИСИЈАТА НА БИГОРСКИОТ МАНАСТИР
Сметам дека сега е време и да ви ја претставиме мисијата на Бигорскиот манастир, која, пред сѐ, е пожртвувано залагањево секој поглед да се одговори на тој стремеж на човечката душа за Бога, за таа да може да се отвори за Божјата љубов и да се исполнисо Христовата ненадминлива радост. Верувам дека повеќето од вас веќе сте слушнале за гостопримството како главна одлика на нашите манастири. Нашиот Старец и Игумен Партениј, уште од самите почетоци на својот монашки живот во Бигорскиот манастир, поттикнат од неизмерната Божја љубов,силно го прегрна тој благороден подвиг –грижата за спасението на човечките души; бидејќи верувајте нема ништо поскапоцено од човечката душа, и нема поблагородно, а истовремено и поодговорно занимање од тоа духовно да се обликуваат и придобиваат за Бога доверените од Него чеда. За нашиот Старец тоа беа мигови на голема исполнетост и радост, но и на страдања и борби.
Зашто беше навистина тешко да се гледа тагата на едно човечко битие кое трага по некаква среќа и длабоко во себе сака да направи нешто добро, но бидејќи претходно не знаело за Добриот и преисполнет со љубов Бог, веќе се заплеткало во најразлични зла. Човекот што страда ја чувствува својата немоќ да излезе од лукавите мрежи и затоа бара помош. А, оној што животот го посветил во служба на Бога и луѓето неможе да ја презре таа искрена молба. Токму таквата несебична љубов беше и причината поради којашто отец Партениј ги отвори вратите на Претечевото светилиште и на неговиот метох во Рајчица, и како плод на тоа иден – денес реки народ доаѓаат кај нас за да слушнат нешто кое ќе им влее нови духовни сили, нова надеж, нешто што ќе им ја разбуди верата, заради која после и самите тие ќе речат: „Сведоци сме на чуда! “И ние, монасите, научени од нашиот Старец, секојдневно сме учесници во таа радост, гледајќи како луѓето се спасуваат, како Го бараат Христа и ја сведочат Неговата љубов каде и да појдат.
ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА ЛЕТНИОТ КАМП
А сега малку и за работата со најмладите, која зафаќа значаен дел од нашите активности, во рамките на севкупната Бигорска духовна мисија. Таа започна уште пред неколку години, кога нашите Обителиполека се претворија во омилени места за престој на децата, особено за време на летните, зимските и празничните одмори. И бидејќи од година во година бројот на децата сѐ повеќе се зголемуваше, спонтано се јави потреба за поосмислено организирање на нивните активности, со цел нивното време поминато во манастир да им донесе поголема духовна полза и знаење. Започнавме најпрвин со запознавање со основните вистини за верата, а потоа постепено воведувавмеи разни работилници,игри, како и интересни разговори за продлабочување на нивните религиозни доживувања за време на богослужбите. Но особено полезни и привлечни за нив беа искрените и поучни разговори со отец Партениј, преку кои тие имаа можност да црпат од неговото длабоко духовно искуство и да научат многу за животот, љубовта, добродетелите, вечноста за која е создаден човекот.Секако тоа нивно позитивно искуство не остана сокриено од другите. Враќајќи се во своите домови, во училиштата,тие со пример ги сведочеа стекнатите знаења и добри навики, и како апостоли насекаде го пренесуваа своето задоволство и радоста која ги обземаше нивните чисти детски души.
Нешто подоцна, вдахновен од добрите плодови на ваквите спонтани собирања на децата, нашиот Игумен посака и цврсто веруваше дека е потребно и од голема важност за иднината на народот да започнеме со организирање на кампови по Веронаука, за коишто од самиот почеток има огромен интерес. Еве, и ова лето пријавени се голем број на деца од повеќе градови на нашата земја. Всушност, од година во година интересот станува сѐ поголем, зашто кај децата постои една незапирлива потреба за постојано учество во радоста и љубовта Божја. Нивниот интерес за нашата чудесна православна вера, искрениот и незлоблив пристап, нивните широки насмевки, ја збогатуваат и прават уште поблагодатна атмосферата во нашите манастири, но пред сѐ даваат богат плод во нивните отворени срца.
Бескрајно сме благодарни што сме удостоени на ваков прекрасен начин да им Го сведочиме Бога на овие млади генерации кои што доаѓааткај нас, благодарни сме што ни се даде можност барем малку дапридонесеме за нивната внатрешна изградба, предавајќи им ја во наследство најважната лекција – умешноста да се радуваат и да зборуваат на единствениот јазик со којшто ќе можат да се разберат со сите народи: а тој јазик е јазикот на љубовта.
Дозволете ми да ви ги најавам децата од Битола,предводени од нивниот наставник по предметот „Етика на религиите“, Драги Анастасовски, кои се чести посетители на нашите кампови и кои вечерва ќе се обидат со јазикот на љубовта да им прозборат на вашите срца.
НИ ТРЕБААТ ЧУВАРИ И АПОСТОЛИ НА ХРИСТИЈАНСКИТЕ ВРЕДНОСТИ
Затоа ова наше собирање е, пред сѐ, повик да им дадеме можност на нашите деца да бидат храбри апостоли на мирот и љубовта; да им дозволиме насекаде, а особено меѓу нас – возрасните – да ја пренесуваат веста декаживотот е многу убав, дека да живееме – тоа значи да се радуваме, тоа значи да го прегрнеме сиот свет, силно да ги засакаме сите луѓе без оглед на тоа какви се. Ближниот е критериум за нашата духовност. И да, нема поубаво нешто од тоа да се љуби, постојано да се љуби, зашто љубовта го победи, и продолжува да го победува злото: ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!
сестра Ефимија – манастирот „Свети Георгиј Победоносец“-Рајчица

Ljubovta e najgolemoto oruzje na sekoe zlo