Бигорски ги јакне врските со СПЦ – Владиката Лукијан гостин во манастирот

Date:

Share post:

Митрополитот Будимски и на Темишвар, Лукијан од Српската православна црква, кој неколку дена е гостин на Крушевско-демирхисарскиот митрополит Јован, бил во посета на Бигорскиот манастир. Заедно со него бил и владиката Јован и други гости од СПЦ.

Ова е прва негова посета на Бигорскиот манастир, иако сакал многу одамна да ја посети Македонија.

Од Бигорски велат дека за Лукијан бил приреден официјален манастирски пречек – иподохи, бидејќи за прв пат доаѓа во манастирот.

-Му се заблагодарувам и на вашиот архиереј и на својот брат архиереј Јован што ме доведе во оваа Светиња, којашто многу години посакував да ја видам и која е надалеку, надалеку прочуена. Многу луѓе ми говореа: ’Одете да видите како изгледа Свети Јован Бигорски. Многу е убаво, многу е добро‘. Но навистина, не можев да очекувам дека е толку убава и голема и важна оваа Светиња, со голема слава. Вашите стари овде, кога ја правеле оваа Светиња, како да биле пророци, како да биле видовити, дека ќе живееме во еден свет во кого има сè помалку и помалку вера. Европа станала колевка без вера на атеизмот; Христијанството го има сè помалку и помалку. И си спомнувам на оние евангелски зборови: ’Вие сте светлина на светот. Вие сте сол на земјата‘. Значи, особено многу е важна оваа Светиња. И народот кој е жеден за вера и гладен за небесна храна може овде да дојде и да ги нахрани своите душа и тело. И добива сила. Кога ќе отидеш во воденица, или мелница како што кажувате вие, мора да остане нешто брашно на тебе; така, и кога ќе дојдеш во Свети Јован Бигорски, мора да добиеш некоја благодат овде. Колку овде има молитва! Колку темјан! Колку солзи! И сето тоа е вознесувано на Бога многу многу векови и години откако постои оваа древна Светиња. А денес, ова е оаза. Не говорам само за соседството, туку општо за светот. Ова му е многу потребно. Тоа се, можеби, последните столбови кои го држат Христијанството и Православието, изјавил Лукијан потенцирајќи дека имал прилика да го посети и манастирот во Рајчица.

Инаку владиката Лукијан претходно беше во посета на Крушево, каде сослужуваше со митрополитот Јован. Имаше средба и со Архиепископот Стефан во неговата резиденција во Скопје.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img