Празникот на светите петнаесет Тивериополски маченици, како патрон на Струмица беше прославен со присуство на претставници и на Српската православна црква.
Гостин на прославата беше Шабачкиот епископ Јеротеј, кој заедно со архиепископот Стефан и владици на МПЦ-ОА служеше литургија во Струмица. Јеротиј ја служел вечерната богослужба пред празникот во манастирот „Светите петнаесет Свештеномаченици“, во молитвено присуство на викарниот Епископ Стобиски Јаков.
-На 11 декември, на самиот ден кога се прославува споменот на светите 15 Тивериополски маченици, во манастирот беше отслужена света архијерејска Литургија, на која началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан. На Архиепископот му сослужуваа Високопреосвештените митрополити Брегалнички г. Иларион и Струмички г. Наум, Епископот Шабачки г. Јеротеј, Епископот Стобиски г. Јаков и бројно монаштво и свештенство, велат од Епархијата.
На богослужбите присутен бил градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков, директорката на Комисијата за односи со верските заедници Оливера Трајковска, советници, директори на институции и голем број на верници.
