Во навечерието на Рождество Христово, традиционалната химна „Ноќта на Божик“ повторно ќе одекне во малата пештера на храмот „Рождество Христово“ во Витлеем – местото каде што, според христијанското верување, е роден Исус Христос. Овогодишната полноќна богослужба ќе се одржи во атмосфера на кревка надеж, по прекинот на огнот во Газа.
„Во ноќта на Божик војната се погребува, во ноќта на Божик се раѓа љубовта“, пее локален хор секоја година за време на службата. Членовите на хорот велат дека по долгите месеци насилство овие зборови добиле уште подлабоко значење. „Ова нè потсетува дека, без оглед на темнината и страдањата, светлината и надежта никогаш не исчезнуваат“, изјавил диригентот на хорот, Џозеф Хазбун.
Во изминатите две години, поради војната во Газа, Божик во Витлеем беше одбележан без вообичаените свечености, украси и музика. Оваа година, сепак, семејствата повторно се собираат на Плоштадот на Јаслите, каде што се одржуваат божикни пазари и програми за деца – знак за оживување на градот и надеж за мир. „Може да се почувствува како градот повторно да оживува. Луѓето излегуваат, слават, без разлика на верата или ставовите“, изјавила жителката на Витлеем, Зоја Талгија.
Воените дејства сериозно ја погодија економијата на градот, кој во голема мера зависи од верскиот туризам. За време на конфликтот, невработеноста порасна од 14 на 65 проценти, а илјадници жители го напуштиле Витлеем во потрага по работа. И покрај прекинот на огнот, тензиите на Западниот Брег остануваат високи.
Христијаните денес сочинуваат помалку од два проценти од населението на Западниот Брег, а нивното присуство постојано се намалува. „Како христијани во Светата земја, нашата задача е да останеме тука и да сведочиме за надежта“, вели хористката Одет Ал Слиби.
Запалувањето на божикната елка на Плоштадот на Јаслите, за првпат по две години, донесе барем краток здив на радост за жителите. „Ова е земјата на мирот, земјата каде што се роди Кнезот на мирот. Продолжуваме да се молиме и да се надеваме дека мирот еден ден ќе стане реалност за сите“, порача Џозеф Хазбун.
