Статусот на Украинската православна црква (МП) допрва ќе се разгледува

Date:

Share post:

Претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Руската патријаршија изјавил дека Украинската православна црква (МП) никогаш не поднела официјално барање до Руската православна црква  за добивање автокефалија. Во телевизиското предавње „Црквата и светот“, тој нагласил дека поради отсуство на такво барање, ниту Светиот синод, ниту патријархот на Москва немаат донесено одлука по ова прашање.

Одговарајќи на прашањето за одлуките на Соборот на УПЦ во Теофанија од 2022 година, со кои беше прогласена независност од Москва, митрополитот Антониј изјавил дека во моментот контактите меѓу РПЦ и УПЦ се невозможни и дека статусот на УПЦ ќе биде разгледуван дури откако таа, според неговите зборови, ќе „стекне слобода од притисокот на украинските власти“.

Иако изјавите се придружени со веќе познати пропагандни формулации – како „режимот во Киев“, квалификувањето на УПЦ како „единствена канонска црква“, означувањето на Православната црква на Украина (ПЦУ) како „расколничка“, како и тврдењата за „голем раскол споредлив со 1054 година“ – во настапот на митрополитот Антониј се содржат две суштински признанија со сериозна канонска тежина.

Прво, со самата изјава се потврдува дека Руската православна црква не може да доделува автокефалија, бидејќи и самата поседува томос за автокефалност издаден од Вселенската патријаршија. РПЦ може да доделува само автономија, односно ограничено внатрешно самоуправување, како што е случајот со Православната црква на Америка. Според канонската практика и историската традиција, томос за автокефалија може да издаде исклучиво Вселенската патријаршија, врз основа на нејзиниот првенствувачки статус во Православната црква, потврден уште со 28-то правило на Четвртиот вселенски собор во Халкидон.

Второто, и уште поважно признание, е дека самиот митрополит Антониј индиректно признава дека канонскиот статус на УПЦ не е јасно дефиниран. Ова доаѓа во контекст на низа противречни настани: во мај 2022 година Синодот на РПЦ ја отфрли прогласената независност на УПЦ, а патријархот Кирил изјави дека нема автономија без негова согласност; во декември истата година митрополитот Онуфриј изјави дека не е член на Синодот на РПЦ и дека неговите одлуки не се обврзувачки за УПЦ; во јули 2023 година свештеници на УПЦ побараа Собор и јасно напуштање на Москва; а во 2025 година државни експерти констатираа дека, иако УПЦ тврди дека се одвоила од РПЦ, документите го покажуваат спротивното.

Дополнителна конфузија создава фактот што РПЦ во 2025 година објави патријаршиски календар во кој архиереите на УПЦ се прикажани како дел од Руската црква, додека истовремено претставници на РПЦ настапуваат во меѓународни институции во „одбрана на правата на УПЦ“, без таа формално да ги овласти. Во исто време, структури на РПЦЗ организираат политички кампањи во САД во име на УПЦ.

Сето ова укажува на еден долготраен и противречен процес: УПЦ декларативно се дистанцира од Москва, но без јасни и недвосмислени канонски чекори, додека РПЦ истовремено тврди дека УПЦ е автономна, но дека со неа нема контакти.

Во овој контекст, изјавата на митрополитот Антониј дека статусот на УПЦ „допрва ќе се разгледува“ ја отвора клучната дилема за евхаристиското и канонското место на УПЦ во православниот свет. Прашањето кого митрополитот Онуфриј го спомнува на Божествената литургија и преку кого УПЦ остварува општење со помесните православни цркви останува без јасен одговор. Во меѓувреме, името на митрополитот Епифаниј се слуша на богослуженија со учество на повеќе Помесни цркви, додека името на митрополитот Онуфриј останува отсутно.

Изјавите од Москва, наместо да ја разјаснат состојбата, дополнително ја продлабочуваат канонската нејаснотија, оставајќи го прашањето за вистинскиот статус на УПЦ отворено – и нерешено.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here