Руските власти сè поотворено ја насочуваат разработката на вештачката интелигенција кон идеолошки и вредносни рамки што се разликуваат од западните модели, со јасна намера идните руски ВИ-системи да бидат „радикално поинакви“ од оние што се развиваат во САД и Европската Унија.
Според анализата објавена на порталот Window on Eurasia, официјалната линија во Москва инсистира дека руската вештачка интелигенција мора да се темели на „традиционални вредности“, лојалност кон државата и специфичен поглед кон историјата, културата и општеството. Во тој контекст, ВИ не се гледа како неутрална технологија, туку како средство со јасна идеолошка функција.
Во текстот се наведува дека руските претставници отворено ја критикуваат западната вештачка интелигенција, обвинувајќи ја за „вграден либерализам“, „културна пристрасност“ и „идеолошка закана“ за руското општество,како што веќе предупредил патријархот Кирил дека вештачката интелигенција „го отстранува чувството на одговорност“ од оние поединци кои ја користат без да разберат како се генерира. Наместо тоа, Москва промовира модел на ВИ кој би ги рефлектирал официјалните наративи на државата и би ја поддржувал нејзината визија за општествениот поредок. Меѓу текстовите на кои се сугерира дека руската вештачка интелигенција мора да се базира се Домострој, водичот за семеен живот од 16. век, Евангелијата и делата на Фјодор Достоевски, Константин Победоносцев, Иван Илин и Александар Дугин.
Авторот на анализата предупредува дека ваквиот пристап носи сериозни последици, бидејќи создавањето на идеолошки контролирана вештачка интелигенција може дополнително да ја изолира Русија од глобалниот технолошки развој и да ја претвори ВИ во алатка за пропаганда и внатрешна контрола, наместо во средство за иновации и научен напредок.
Во текстот се истакнува и дека ваквата политика се вклопува во поширокиот тренд на „суверенизација“ на технологијата во Русија, каде дигиталните алатки сè повеќе се ставаат во служба на државната безбедност, идеолошката стабилност и геополитичките цели.
Според Window on Eurasia, прашањето повеќе не е дали Русија ќе развие сопствена вештачка интелигенција, туку каков ќе биде нејзиниот карактер – и дали таа ќе служи на општеството или пред сè на државната идеологија.
