Во рускиот град Краснодар ќе биде изграден највисокиот православен храм во државата, посветен на „хероите од Специјалната воена операција“, како што Кремљ ја нарекува инвазијата врз Украина. Проектот предвидува создавање меморијални зони во чест на руските војници „кои загинале во одбрана на татковината и православната вера“. Според организаторите, внатрешното уредување ќе биде дизајнирано така што изборот на икони ќе ја нагласува историјата на наводното застапништво на Богородица во руските воени победи. Ова ќе биде втор храм во Краснодар чија посвета е директно поврзана со војната во Украина — практика што стана распространета по изјавата на патријархот Кирил дека загинатите руски војници „ќе бидат спасени“, што предизвика остра реакција кај верските лидери ширум светот.
Паралелно со тоа, во Вологодската област локалните власти ѝ предадоа на армијата теренско возило „УАЗ“, официјално подготвено за бојни дејствија. Автомобилот бил свечено осветен од Белоезерскиот епископ Игнатиј како „духовна поддршка“ за војниците. На социјалните мрежи особено внимание привлекол фактот што епископот позирал пред воено знаме на кое стоел натписот „Бог на војната“ — симболика што уште еднаш го покажува синергија на религијата со милитантната пропаганда.
Во истиот регион бил организиран и молебен во рамките на акцијата „Штафета на победата“, поврзана со структури блиски до државната администрација. Знамиња со ликот на „Спас Нерукотворни“ — религиозен симбол кој Русија го претставува како заштитник на својата војска во Украина — биле осветени и подготвени за испраќање на фронтот. Овој симбол добива сè поголем меѓународен одек, особено меѓу екстремно конзервативни групи и партии во Европа што ја поддржуваат политиката на Владимир Путин.
Дополнителна контроверзност предизвикала изјава на свештеник од Тверската област, кој пред публика од младија оправдувал смртта во војната, нарекувајќи ја „подвиг“, а „повисока“ и „поосмислена“ од „смртта во кревет“. Тој ги уверувал присутните дека „смртта е неизбежна“, но дека загинувањето на бојното поле е „почесно“. Овие изјави предизвикале силни реакции на интернет и на нив се гледа како дел од пошироката кампања со која Руската православна црква, во тесна врска со државата, промовира религиозна оправданост на војната.
Сите овие случувања укажуваат на сè поинтензивниот процес на спојување на православието со државната пропаганда, при што религиозната симболика се користи за зајакнување на моралот кај руските војници во Украина.
