Не треба да дозволиме да сме во позиција на дефанзива во однос на демоните, затоа што многу ќе пострадаме. Ако го оставиме демонот да нѐ набљудува и проучува, ако го оставиме да ги открива нашите слабости, ако го оставиме да си прави планови и стратегија како да нѐ навлече на грев, ако не ги предвидиме неговите движења и стапици – врз основа на нашиот претходен опит во борбата со него, ќе пострадаме многу; и најчесто само поради тоа и страдаме – поради нашата дефанзивност.
Но, доколку ние го нападнеме, преку кој било вид молитва, а најдобро преку молитвата за која често ви говорам: кога од суштината на умот – од срцето, ги изговараме зборовите на „Исусовата молитва“ во содејство на Светиот Дух, а со енергијата на умот – во покајание пред Бог, собрано – во зборовите на молитвата и во Оној на Кого Му се молиме, стражариме пред влезот на срцето, тогаш, демоните многу ќе пострадаат.
Секој христијанин, од опит, го знае ова за кое што ви говорам; само треба да се потсети и истото да го освести. Сега ќе ве потсетам, по обратен редослед: кога ќе почнеме да се молиме, тоа е своевидна офанзива против демонските сили и од тој момент тие ништо нас не ни можат, освен, преку разни помисли, сеќавања и фантазии да се обидат да ни ја расеат молитвата, т.е. енергијата на умот при молитвата. Како што и самите сега освестувате, тие за време на молитвата, освен да предизвикаат расеаност, друго ништо не ни можат. Ви говорам за редовна состојба од првиот степен на духовниот развој – очистување на срцето од страстите; не откако веќе ќе бидеме нападнати – тогаш, во сила е друга процедура; процедурата на петте контролни точки. Додека, кога тие нѐ напаѓаат, преку некое искушение, во состојба се да ни предизвикаат таква силна борба што од темнината, помислите и пеколните чувства, имаме доживување дека потполно се распаѓаме. Мислам дека сега ви е јасна разликата.
Сето ова вака ви го објаснив за полесно да го разберете, инаку, ние не се молиме или не твориме некој друг подвиг – при исполнувањето на Божјите заповеди, поради некоја борба со демоните, туку поради градење на љубовна и слободна заедница со Бог и Отецот, во Богочовекот Исус Христос, по благодатта на Светиот Дух Господ. Демоните се суштества кои ние ги игнорираме и не треба да им даваме, ама баш никакво, значење во нашиот живот; освен, нели, да внимаваме да не случајно ја исполнуваме нивната волја, а што е уште полошо – притоа, да си мислиме дека ја исполнуваме Божјата.
Пресвета Богородица, спаси нас!
Пишува: Митрополит Струмички Наум

