Поранешен свештеник на МПЦ-ОА од Ѓорче Петров, кој неколку години е расчинет, бил приведен од полиција за Задушница, каде неовластено изврувал црковни дејствија на помен за покојните. Иако првичната вест што ја објавија медиумите посочуваше на наводно „необичен настан“, алудирајќи на тоа дека обичен човек облекол мантија и сврши свештенодејствија, сепак станува збор за свештеник, но кој е расчинет од Скопската епархија. Интервенцијата на полицијата, најверојатно е по пријава на локалните свештеници или на Црквата.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Слободен печат“ изјавиле дека се работи за лицето Б.П., кое било затекнато како „пее“ за покојниците, носејќи кандило и мантија, но без никаква врска со Црквата.
„Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, информираат од МВР.
Сведоци велат дека човекот се претставувал како свештеник и нудел да изврши обред за одредена сума пари, додека посетителите на гробиштата биле убедени дека станува збор за вистински поп.
Кога на местото пристигнала полицијата, лажниот свештеник бил легитимиран и веднаш приведен, предизвикувајќи збунетост и неверување кај присутните верници.
Од МВР потврдија дека случајот е во постапка и дека ќе следува кривична пријава за лажно претставување и неовластено вршење верски обреди.

