Православните цркви членови на Комитетот на претставници на православните цркви при Европската Унија ги дефинирале позициите пред најавената средба со Европската комисија. На 14 октомври, во Православниот центар „Амбиорикс“ во Брисел, под претседателство на Митрополитот белгиски Атенагор, егзарх на Холандија и Луксембург, Комитетот разменил мислења за различни теми поврзани со претставувањето на Православната црква пред институциите на Европската унија.
-Посебно внимание беше посветено на претстојниот состанок на високо ниво што го организира Европската комисија, согласно Член 17 од Договорот од Лисабон, кој предвидува редовен и транспарентен дијалог меѓу европските институции и црквите, филозофските здруженија и нерелигиозните организации. Претставниците исто така разговараа за нивната специфична мисија што им е доверена од нивните матични православни цркви — да ги претставуваат пред Европската унија. Во таа насока беа формирани православните канцеларии за врска во Брисел, а во 2010 година официјално беше создаден CROCEU како координативно тело за заедничко православно претставување во Европската унија, стои во соопштението.
На состанокот беа разгледани и односите со други христијански и црковни претставништва во Брисел, меѓу кои Конференцијата на европските цркви (CEC), Комисијата на бискупските конференции на Европската унија (COMECE), Евангелистичката црква во Германија (EKD) и Англиканската заедница.
Во дух на соработка и меѓусебно разбирање, членовите на CROCEU ја потврдија својата решеност да ги унапредуваат христијанските духовни и морални вредности за доброто на европското општество во целина. Сесијата резултираше и со изработка на конкретни планови за идни активности на Комитетот како одговор на тековните предизвици со кои се соочува Европа. На крајот, учесниците упатија усрдни молитви за мир на Блискиот Исток, за заштита на цивилното население и за зачувување на христијанските заедници во овој страдален регион, стои во соопштението.
МПЦ-ОА, иако има свој епископ во Европа не членува во овој Комитет, поради се уште недефинираниот нејзин автокефален статус.
На состанокот учествувале претставници на различни православни јурисдикции пред европските институции, од Вселенската Патријаршија, патријаршијата на Романија, патријаршијата на Бугарија, грчката црква, српската црква.