Поглаварите на црквите во Ерусалим објавија заедничка изјава по прогласувањето на примирје во Газа.
Тие ја истакнуваат благодарност за воспоставувањето на договорот кој доведе до ова примирје и се укажува на страдањето на народот во Газа, кое не е прекинато и за кое е потребна интервенција и помош.
Истовремено се упатува апел до меѓународната заедница да се создаде палестинска држава која ќе живее паралелно со државата Израел, како единствен начин да се воспостави вистински праведен и траен мир во Светата земја и во целиот Блиски Исток.
Изјавата во продолжение во целост.
„[Господ] ги прекинува војните до краиштата на земјата,
ќе го скрши лакот, ќе го распарчи оружјето
и ќе ги изгори штитовите со оган.
‘Смирете се и знајте дека Јас сум Бог;
ќе се возвишам меѓу народите, ќе се возвишам на земјата.’“
(Пс. 45, 10–11)
Заедно со милиони луѓе кои живеат во целиот од војната измачен наш регион, ние, Патријарсите и Претстоителите на Црквите во Ерусалим, се радуваме на неодамнешното воспоставување на примирјето во Газа и на успешното ослободување на заложниците.
Ја користиме оваа прилика да ги признаеме огромните напори на сите што придонесоа за постигнувањето на овој значаен успех, особено на претседателот Трамп. Како што вчера објави пред парламентот – Кнесетот на Израел, „веруваме дека оваа прва фаза на примирјето навистина го означува крајот на војната во Газа и дека сите понатамошни несогласувања меѓу двете страни ќе бидат решени преку преговори или помирување, а не со обновување на непријателствата.“ Навистина, нашиот регион претрпе толку многу што е незамисливо повторно да се врати во состојба на војна.
Со благодарност го поздравуваме почетокот на овој договор, но истовремено признаваме дека народот на Газа и другите заедници во нашиот регион сè уште страдаат, бидејќи стотици илјади луѓе ги изгубија своите домови, своето здравје, своите ближни и средствата за егзистенција. Затоа силно ја поттикнуваме итната испорака на храна, питка вода, гориво, медицински материјали и привремени засолништа во Појасот Газа и во другите погодени заедници, како вовед во брза реализација на програма за расчистување и обнова на уништените домови, бизниси и јавна инфраструктура.
Понатаму, упатуваме повик до засегнатите страни и до меѓународната заедница во целина да го прошират опсегот на тековните преговори и да го вклучат и целосниот прекин на воената окупација – како во Газа така и на Западниот Брег – и, на крајот, да се дојде до создавање на палестинска држава која ќе живее паралелно со државата Израел. Само на тој начин, веруваме, ќе се воспостави вистински праведен и траен мир во Светата Земја и во целиот Блиски Исток.
Исто така, сакаме да упатиме посебен збор на охрабрување до сите што живеат во православниот храм „Свети Порфириј“ и во католичката црква „Свето Семејство“, како и до сите што служат во англиканската болница Ал-Ахли: вашето трпение во верата, среде неизречените страдања во изминатите две години, беше светол пример за сите нас. Ви ветуваме дека постојано ќе се молиме за вас и ќе ве поддржуваме, обврзувајќи се дека ќе работиме ревносно за наредните недели и месеци да ја оправдаат вашата доверба во Божјата Промисла.
Во тој дух се обединувавме со останатите христијани и со луѓето со добра волја низ целиот свет, благодарејќи му на Седржителот Бог, Кој нè доведе до овој благ и историски момент, иако признаваме дека делото на градење мир сè уште е во тек. Нека Бог ни даде благодат да се посветиме одново на ова суштинско дело, водејќи нè кон златното доба на мирот за кое толку многу мечтаеле пророците и мудреците низ вековите, и за кое Самиот нашиот Господ Исус Христос ја принесе Својата жртва и воскресна од Гробот во вечен и вистински живот.
Патријарсите и Претстоителите на Црквите во Ерусалим