Еден од најпознатите холивудски актери, Мел Гибсон, помина неколку дена во српскиот манастир на Света Гора – Хиландар.
Веста дека холивудската ѕвезда, актер, режисер и продуцент Мел Гибсон го поминува Видовден во Хиландар изненади многумина.
И додека некои се воодушевени што светски позната личност ја посетила Света Гора, други со сомнеж коментираа за фактот дека „човек од голема доверба на Трамп“ престојува во светата Српска царска лавра – Хиландар.
„Познатиот актер, режисер и продуцент Мел Гибсон ја посети Света Гора. На фотографијата е опкружен со братството на Српскиот свет манастир Хиландар. За неговиот престој на манастирската Света Гора, тој изјави: ‘Никогаш не сум го почувствувал присуството и врската со Бога толку силно како тука’“, се наведува во описот на видеото, кое се појави на Инстаграм.
За потсетување, Гибсон пристигна во Хиландар во петокот. Тој го помина Видовден со братството на манастирот, имаше празнична трпеза и учествуваше во целоноќното бдение.
Во меѓувреме, се дозна дека Гибсон го посетил Хиландар за молитва и духовна инспирација пред снимањето на филмот „Воскресение“, кој ќе започне со снимање во септември.

